Тастатурата е една од највалканите површини што ги допираме, без разлика дали зборуваме за тастатурата како периферен уред на десктоп-компјутер или како дел од лаптоп. Ако редовно користите компјутер, тогаш сигурно знаете колку брзо може да се појават прашина, трошки, влакна, маснотии и други нечистотии на вашата тастатура. Редовното чистење на тастатурата е важно не само затоа што насобраната нечистотија може да влијае на функционалноста на нејзините копчиња туку и да се осигурите дека работите во почиста средина.
За темелно чистење на тастатурата ќе ви требаат одредени хемиски агенси што ќе ги омекнат или разградат маснотиите и другите нечистотии и ќе овозможат нивно ефикасно отстранување. Откако ќе подготвите сè, задолжително исклучете го вашиот компјутер. Ако користите лаптоп и ако е можно, извадете ја батеријата за да не се вклучи одеднаш. Ако користите десктоп-компјутер или тастатура што е поврзана со компјутерот преку кабел, исклучете ја од штекерот во кој е приклучена. Свртете ја тастатурата надолу и нежно протресете ја за да се ослободите од поголемите честички.
За отстранување на помалите нечистотии ќе ви треба воздух под притисок. Имајте на ум дека тастатурите се чувствителни уреди и премногу силен проток на воздух може да ги оштети. Потоа ставете малку дестилирана вода во сад и додајте детергент за да направите сапуница. Лесно намачкајте ја крпата со сапуница и избришете ги површината на тастатурата и копчињата. Ако ја намокрите крпата повеќе од потребното, исцедете ја, за вишокот вода да не навлезе во просторот помеѓу копчињата. Бидете многу внимателни, особено ако користите лаптоп. Изопропанолот исто така е одлично средство за дезинфекција, па можете да го користите одвреме-навреме за да ги отстраните бактериите. Откако ќе завршите со чистењето, земете сува крпа и поминете преку тастатурата за да ја отстраните влагата, а потоа оставете ја тастатурата дополнително да се исуши. Можете да вршите темелно чистење на тастатурата еднаш на секои три-четири месеци.