Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, размислува за изградба на нова платформа за социјални медиуми. Маск одговараше на прашање на корисник на Твитер за тоа дали ќе размисли за изградба на платформа за социјални медиуми што ќе се состои од алгоритам со отворен код, кој ќе даде приоритет на слободата на говорот и каде што пропагандата ќе биде минимална.
Маск е активен корисник на Твитер, но во последно време ја критикува платформата. Тој рече дека компанијата ја поткопува демократијата со тоа што не се придржува до принципот на слобода на говор.

Неговиот твит дојде еден ден откако објави анкета на Твитер во која ги прашува корисниците дали веруваат дека Твитер се придржува до принципот на слобода на говор, за што над 70 отсто гласаа „не“.
– Последиците од оваа анкета ќе бидат многу важни. Ве молиме гласајте внимателно – напиша тој.

Доколку Маск одлучи да создаде нова платформа, тој ќе се приклучи на растечкото портфолио на технолошки компании што се позиционираат како шампиони на слободата на говорот и се надеваат дека ќе привлечат корисници што сметаат дека нивните ставови се потиснати на платформи како што се Твитер, Фејсбук на „Мета“ и Јутјуб на „Гугл“.

Ниту една од компаниите, вклучувајќи го и „Трут соушл“ на Доналд Трамп, конкурентите на Твитер, Гетр и Парлер и видеостраницата „Рамбл“, досега не се приближиле до досегот и популарноста на мејнстрим-платформата.