Фото: Пиксабеј

Животни

Нуркачите во холандска зоолошка градина почнаа да работат на создавање еден вид Ноева арка, направена од корали, како дел од глобалните напори за зачувување на коралните гребени со градење резерви на овие сложени морски екосистеми во аквариуми. Со оглед на тоа дека поради климатските промени, прекумерниот риболов и загадувањето, коралите се глобално загрозени, вработените задолжени за зачувување на загрозените видови во зоолошката градина „Бургерс“ во Арнем, Холандија, решија да создадат своевиден резерват за овој загрозен вид.
– Откако ќе се подобрат условите, коралите би можеле да се вратат во првобитните живеалишта. Со овој проект создаваме еден вид резерва на корали. Затоа, во случај да изумрат во дивината, сепак ќе ги имаме во аквариуми – изјави биологот од зоолошката градина Ниенке Клеркс.
Поради многу бавната стапка на раст на коралите, од неколку милиметри до неколку сантиметри годишно, ќе поминат години пред кој било корал да може да се врати во дивината. Но, и во тој случај условите би требало значително да се подобрат за да можат таму коралите да продолжат да растат и да напредуваат.
Зоолошката градина работи на проект за изградба на корален резерват заедно со Океанографскиот музеј во Монако и два други француски аквариуми, а Клеркс се надева дека во проектот ќе им се придружат уште зоолошки градини.