Фото: „Нова Македонија“ / Архива

Владините политики се фокусирани на развој и модернизација на железничкиот сектор, преку конкретни инвестиции во изградба на нови пруги, обнова на железничкиот товарен и патнички сообраќај и подобрување на услугите – потенцира заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Како резултат на овие политики, според него, се бележи зголемување на карго транспорот за 18 проценти. Дополнително, се забрзува трaнспортот на Коридор 10 на граничните точки преку олеснување на процедурите.

– Се воведе “one-stop shop”, односно едно застанување на границата помеѓу Македонија и Грција за карго сообраќај, а во моментов работиме – градиме – заеднички железнички граничен премин со Србија, така што и таму ќе има едно застанување, што значи дека композициите на возовите многу побрзо ќе можат да се движат, што е многу важно за бизнисот – истакнал Николоски во поткастот „Радар’’.

Како што информираат од Министерството за транспорт, тој говорел и за инвестицискиот циклус во изградба на нова железничка мрежа.

– Во Скопје воведуваме Градски воз, Скопје да заличи на метропола како што имаат сите големи метрополи. Од 1 септември ќе стартува првата линија, која што е на линија Зелениково–Драчево–Лисиче–Аеродром–Центар, a веќе во втората половина на оваа година ќе одиме со тендерирање и на другите две линии, а тоа е Центар до Ѓорче Петров и Центар до Илинден. Веќе се заврши бајпасот, односно обиколницата на Скопје со цел карго возовите да не влегуваат во Скопје, таа оди на линија Драчево–Илинден. Таа е добра и за екологијата, но е добра и за бизнисот затоа што се скратува патувањето. Ако на тоа се додаде дека јануари 2025 година, после децении, Македонија виде нова пруга – ја пуштивме делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар. Во моментов ја работиме втората делница во должина од 34 километри од Бељаковце до Крива Паланка. Напредува добро, очекувам до крајот на 2028 година да е целосно завршена. Излезе тендер за надзор, сега треба да излезе тендер за изведувач за изградба на третата фаза, а тоа е од Крива Паланка до граница со Бугарија и спој со Бугарија. Што треба да значи дека ќе имаме линија Скопје–Софија и надолу до Бургас и до Варна. Паралелно на тоа работиме на брзата пруга. Одлично одат таму подготовките. Работиме подготвителни работи, сите потребни документи се работат. Очекувам до крајот на летото да бидат сите завршени и после тоа да влеземе во избор на финансиер, на изведувач и есенва да ги видиме и првите активности на терен за изградба на брзата пруга – истакнал Николоски.

Тој додал дека во соработка со Европската банка за обнова и развој е обезбедена набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, додека со Светска банка се работи на набавка на нови патнички возови.

Вицепремиерот потенцирал и оти Владата го започнува еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на автопатот Скопје–Блаце, патен правец кој ќе ја поврзе државата и бизнисот со пристаништата во Албанија и Црна Гора и ќе ја забрза економската активност во регионот.

– Во понеделникот го потпишавме договорот за грант. Обезбедивме околу 31 милион евра неповратни средства од Европската Унија, што претставува околу 15 проценти од вредноста на проектот. Тоа се средства кои директно ја намалуваат цената што ја плаќа државата и се силна потврда за довербата што ја имаме од европските партнери. Со изградбата на автопатот, Македонија ќе добие современа врска со Косово, Албанија и Црна Гора, отворајќи нови можности за економски развој и регионална поврзаност – нагласил Николоски.

Според него, се работи за комплицирана делница, поминува низ Скопска Црна Гора, ќе има вкупно 40 објекти како што се нарекуваат – тунели, мостови, вијадукти и галерии коишто треба да се решат.

– Навистина инженерски ќе е сериозен потфат. Но ќе го завршиме, сме се нафатиле на работата и ќе ја завршиме. ДУИ го ветуваше 20 години, ама 20 години не го изгради, еве ние не го ветувавме, ама почнуваме да го градиме и ќе го завршиме – рече Николоски.

Значајно, како што истакнал вицепремиерот е фактот што домшна компанија ќе го реализира проекот.

– Избравме изведувач, тоа е конзорциум предводен од „Гранит“, од македонска домашна фирма. После децении, македонска домашна фирма добива да гради автопат, скоро и да не се сеќавам кога последно македонска фирма градела. И на овој начин сакаме да покажеме дека и македонското градежништво и македонската оператива знае да работи големи проекти – заклучил Николоски.