И Чаир, како и Тетово претходно, отвори големо прашање по основ на Охридскиот рамковен договор
- Одлуката за преименување на две улици во Чаир по имиња на припадници на ОНА повторно отвори многу голема дилема: Дали еден од темелните механизми на Охридскиот договор веќе се смета за надминат или станува збор за опасен преседан со сериозни правни и политички последици?!
Уште неисушено мастилото на хартијата од донесената одлука на Уставниот суд за укинување на преименувањата на повеќе инфраструктурни објекти во Тетово (кои беа незаконски преименувани во Советот на Општина Тетово), Советот на скопската општина Чаир донесе одлука две улици да ги носат имињата на некој Командант Тели и Зекирија Хасани, припадници на албанската паравоена организација ОНА. (?!)
Самата содржина на одлуката предизвика реакции, но уште поголемо внимание привлече начинот на кој беше донесена, имено без обезбедено Бадентерово мнозинство, односно без согласност од советниците што ја претставуваат немнозинската македонска заедница во Советот. Со тоа засега, најблаго кажано, направен е преседан што директно го доведува во прашање функционирањето на еден од најважните уставно-политички механизми воспоставени по конфликтот во 2001 година.
И Чаир лансира предизвик со длабоко правно значење: и уставно и
законско!
Бадентеровото мнозинство никогаш не било обична процедура. Тоа претставува(ше) суштинската гаранција на Охридскиот рамковен договор дека одлуките што ги засегаат етничките односи нема да можат да се носат единствено со проста бројност на гласови. Токму затоа неговото евентуално заобиколување и во Тетово и сега во Скопје не може да се третира како административен пропуст или техничка грешка. Доколку навистина постоела законска обврска да се обезбеди двојно мнозинство, тогаш станува збор за прашање што директно го отвора проблемот на уставноста и законитоста на донесената одлука. Значи, ова претставува еден предизвик со длабоко правно значење: и уставно и законско!
Следствено, институциите се исправени пред обврската да одговорат дали постапката била спроведена во согласност со законот или не. Во правна држава ваквите дилеми не смеат да останат во политичката сфера, туку мора да добијат институционален епилог.
Втор е политичкиот аспект на предизвикот од Тетово и Чаир
Зад правната дилема се крие уште едно мошне суштинско политичко прашање.
Имено, дали со ова гласање албанскиот политички блок испраќа порака дека Бадентеровиот принцип повеќе не го смета за неопходен?!
За потсетување, во времето кога беше создаден, Бадентер беше одговор на длабоката меѓуетничка криза. Неговата цел беше да спречи мнозинскиот македонски народ да ги надгласува малцинските заедници во чувствителни прашања, преку своите избрани претставници во власта. Дваесет и пет години подоцна, политичките околности се различни. Во државата Албанците се немнозинска заедница, но во повеќе општини тие претставуваат локално мнозинство. Во такви услови се појавува нова политичка реалност. Заедницата што на национално ниво е заштитена со Бадентеровиот механизам, на локално ниво може сама да носи одлуки со класично мнозинство. (?!) Токму тука се отвора дилемата дали политичката практика веќе почнува да го надминува концептот врз кој беше изграден Охридскиот договор.
Дали Македонија влегува во постбадентерова ера?
Постои и второ читање на настаните. Можно е некои политички актери да сметаат дека општеството веќе ги надминало околностите поради кои беше воведен Бадентер и дека демократскиот систем треба постепено да се ослободува од етничките механизми и да функционира според класично парламентарно мнозинство. Тоа би претставувало сериозна политичка теза. Во една модерна демократија одлуките идеално би требало да се темелат на аргументи, компетентност и политичка одговорност, а не на етничка припадност. Таквата визија има своја демократска логика и не е непозната во европските политички системи. Но постои суштинска разлика меѓу политичка желба и правна реалност.
Правото не може да биде заменето со политичка процена
Колку и да постои политичка процена дека Бадентеровиот принцип ја завршил својата историска мисија, тој останува дел од уставниот и законскиот поредок. Ниту една локална самоуправа, ниту едно мнозинство и ниту една политичка гарнитура не може самостојно да одлучи дека одредена законска обврска повеќе нема да применува. Доколку постои политички консензус дека механизмот треба да се менува или укине, тоа мора да се направи преку институциите и низ процедурите предвидени со Уставот. Сè друго создава опасен преседан во кој политичката волја станува поважна од правниот поредок.
Повеќе од локален спор
Затоа случајот со Тетово, а и сега со Чаир, не треба да се сведе на расправа околу имињата или преименувањата на инфраструктурни објекти. Ова отвора многу подлабока дилема: Дали Македонија останува доследна на моделот воспоставен со Охридскиот договор, кој е стипулиран во македонскиот устав, или политичката практика веќе започнува да го менува без формална уставна промена?!
Одговорот на ова прашање нема да го даде само Уставниот суд како за случајот „Тетово“ или, пак, Општина Чаир.
Одговорот педантно, промптно, во рамките на законите и пропишаните процедури, ќе го дадат институциите што ќе одлучуваат дали Бадентеровото мнозинство било задолжително во конкретниот случај, но и политичките партии, кои ќе треба јасно да кажат дали овој механизам сè уште го сметаат за темел на меѓуетничката рамнотежа или за инструмент чие време завршило. Дотогаш, случајот „Чаир“ останува повеќе од локална одлука. Тој претставува уште еден сериозен тест за тоа дали во Македонија сè уште владее правото или политичките околности почнуваат да ги редефинираат правилата без нивна формална промена. Н.М.

































