Фото: Горан Анастасовски

Д-р Маја Шушлевска Павковска, интернист, кардиолог

  • „Здравјето не го одредува само бројката на вагата, туку составот на телото, а мускулите не се важни само за силата – тие се клучни и за здрав метаболизам и здраво срце“, вели д-р Маја Шушлевска Павковска, специјалист по интерна медицина и кардиологија, во интервју за „Нова Македонија“. Таа објаснува зошто бројката на вагата не е доволна за проценка на здравјето и како составот на телото, мускулната маса и висцералните масти го одредуваат кардиометаболниот ризик

Што е кардиометаболна медицина и зошто денес сè повеќе се зборува за врската меѓу срцето, метаболизмот и телесната тежина?
-Кардиометаболна медицина се однесува на поврзаноста помеѓу кардиоваскуларниот и метаболниот систем на нашето тело, односно на појавата дека тие силно си влијаат еден на друг па затоа современата медицина тежнее да ја анализира севкупната состојба на организмот. Таа ја интегрира кардиологијата, ендокринологијата и науката за метаболните процеси со цел да ги лекува взаемните болести на срцето и метаболизмот, кои во основа произлегуваат од состојби како дебелина, дијабет тип 2, инсулинска резистенција, замастувањетo на црниот дроб и панкреасот како и болестите на срцето. Истите не ги подразбира како засебни проблеми, туку како преклопувачки состојби и болести.

Кои пациенти најчесто имаат кардиометаболен ризик – дали тоа се само лица со вишок килограми или и луѓе со нормална телесна тежина можат да бидат ризични?
-Самиот вишок килограми не е единствениот индикатор за постоење на кардиометаболен ризик, но она што е особено важно е абдоминалната дебелина т.н. центрипетална која е поврзана со внатрешни или висцерални маснотии, што значи дека едно лице може да има нормална телесна тежина, но абдоминални маснотии кои се поврзани со инсулинска резистенција и системска инфламација, а тие пак со бројни кардиоваскуларни компликации. Исто така, едно лице може да има нормална тежина, но недоволно мускулна маса (skinny fat) што е метаболно инфериорна состојба и со предиспозиции за зголемен кардиоваскуларен ризик.
Инфламацијата претставува состојба на хронична имунолошка стимулација од низок степен (постојан тивок пожар кој се случува во телото…) со постојана активација на проинфламаторни (воспалителни) молекули цитокини кои предизвикуваат оштетувања на органите: срцето, крвните садови, бубрезите, црниот дроб…
Секој човек е единствена комбинација во однос на својата телесна композиција и инфламаторна состојба, па така и оние со мал БМИ, физичка неактивност можат да имаат севкупна полоша прогноза отколку она лице која има повисок БМИ и масно ткиво, но сочувана и активна мускулатура. Токму со анализа на телесниот состав, кардиоваскуларeн преглед, лабораториски тестови и тестови на оптоварување, може да се процени виталноста, ризиците и капацитетот на организмот.

Зошто не е доволно да ги следиме само килограмите, туку е важно да знаеме каков е составот на телото – колку масти, мускули и вода има организмот?
-Дебелина е патолошка состојба во која енергетскиот екцес внесен преку храната која е најчесто нутритивно сиромашна и хиперкалорична, предизвикува морфолошки промени со појава на вишок на маснотии. Притоа може, но не мора да е присутна неквалитетна мускулатурата, но истовремено се случуваат и функционални промени во неуроендокрината регулација на механизмите кои треба да одржуваат физиолошки баланс во чувството на ситост и глад, наспроти метаболните процеси. Токму тоа се случува во денешно време, обезните луѓе имаат проблем во контролата на апетитот па и покрај тоа што внеле оброк, само еден час подоцна, имаат константни мисли за храна (food noise), се прејадуваат, понекогаш стануваат навечер да јадат, едноставно не постои физиолошка контрола и таа е најчесто изразена при присутно висцерално масно ткиво кое е основа на хроничната инфламација. Тоа може да се спореди со кочница која е постојано активна и го спречува системот за ситост и глад да делува физиолошки и да го контролира внесот на храна. Информацијата колкав процент од маснотиите се т.н. висцерално масно ткиво, може да не упати во правецот на лекувањето на дебелината, па доколку е значајно зголемена, на пациентот му се предложува современа медикаментозна терапија. Од друга страна доколку пациентот има развиена и квалитетна мускулатура, а сепак има вишок масно ткиво, со сегментна анализа и процена на квалитетот на мускулатурата, се советуваат целни вежби и на резистенција (на пример во делот на тозрзото или на рацете) со корекција на исхраната. Да напоменам дека за да се изгради нова мускулна маса потребни се неколку месеци континуирана физичка активност, а од друга страна инфламацијата поттикната од висцеларните маснотии се поврзува со употреба на адитиви, засилувачи на вкус и конзерванси, покрај добро познатите концентрирани јаглехидрати, како гликозен и фруктозен сируп и слични еквиваленти.

Како мускулната маса влијае врз метаболизмот, инсулинската резистенција, притисокот и здравјето на срцето?
-Мускулната маса е исклучително важен фактор за метаболното здравје бидејќи таа е примарен резервоар за гликозата, односно таа го апсорбира вишокот и го растоварува панкреасот од екцесната инсулинска секреција. Конкретно, околу 80% од инсулинската стимулација на гликозата се одвива кон мускулите, т.е. тие делуваат како сунѓер кој истата ја впива по оброкот, но за време на физичка активност, особено за време на вежбите за резистенција или сила, мускулите ја апсорбираат гликозата без инсулинска стимулација што претставува начин да се избегне инсулинската резистенција. Мускулите го складираат вишокот на гликоза во гликоген и зголемувањето на мускулната маса во процесот на слабеење драстично го намалува депонирањето на мастите во црниот дроб и висцералните масти кои се тригери на инсулинската резистенција. Со директно подобрување на ендотелната функција на малите крвни садови, мускулните вежби го намалуваат крвниот притисок, а индиректно преку намалување на инсулинската резистенција.
Кога следиме пациент додека слабее, особено ни е важно да имаме увид дека не слабее за сметка на неговата мускулна маса, т.е. ги губи само маснотиите, а не и мускулите. Сигурен начин тоа да се постигне е неговата програма за слабеење да соджи доволно често и доволно силни вежби.

Што е фазен агол и што може тој да ни покаже за состојбата на организмот?
-Кога се прави проценка на телесниот состав со InBody анализатор, апаратот користи нисковолтажни струи кои поминуваат низ телото низ одреден број на точки со цел да ги диференцира маснотиите, мускулите и телесната вода врз база на нивните електрични карактеристики. Притоа се одредува и многу важен неинвазивен маркер за квалитетот на мускулите тн ФАЗЕН АГОЛ.
Тој се мери со помош на биоимпеданса – отпорот што ткивата го пружаат кон струјата која се аплицира и всушност го рефлектира интегритетот на клеточната мембрана на мускулните клетки. Поголема вредност за фазниот агол всушност значи поздрави клетки, така на пример спортистите имаат вредност и над 8, а просечните здрави и физички активни луѓе околу 5 – 6.
Значењето на овој параметар е и во долгорочната прогноза за кардиоваскуларното но и општото здравје со што што ни дава ретроградна информација за навиките на субјектот, бидејќи укажува на континуирана физичка активност, квалитетна мускулатура, поголема потрошувачка на VO₂, што секако оди во комбинација со тренирано и здраво срце.
Од друга страна, фазниот агол е негативно поврзан со дебелината, количината на масно и висцерално масно ткиво, но и многу дегенеративни состојби и инфламаторни состојби: хронична бубрежна болест, дијализа, дијабет, малнутриција, системски инфламаторни заболувања лупус, ревматоиден артритис, тироидни заболувања, онколошки заболувања.

Кои се најважните чекори за намалување на кардиометаболниот ризик – исхрана, движење, вежби за сила, сон, контрола на стресот?
-Секој човек треба да се стреми кон квалитетен начин на живот кој се заснива на баланс помеѓу исхраната, сонот и подвижноста. Важен момент е освестувањето дека храната може да има силен инфламаторен потенцијал особено доколку е процесирана, што всушност и повеќето луѓе кои применуваат постење знаат да го истакнат чувството за психолошко и физиолошко олеснување. Исто така, треба да се работи на освестување за автоматизираното јадење храна или прејадувањето, кои ги поддржуваат патолошките допамински сигнали на награда во мозокот, кога всушност се развила зависност од храната во целина или од одредени видови (нездрава) храна. Да се истакне дека многу видови зеленчуци и овошје имаат антиинфламаторен и антиобезитетен ефект, независно од нивната калориска вредност, па со нивно консумирање организмот си помагата во слабеењето. Да се увиди важноста на распоредот на оброците при што појадокот е особено важен во спречување на инсулински осцилации покасно во денот…
Да се препознае неопходноста од подвижноста на секојдневна основа бидејќи таа е мотор на метаболизмот, но и извор на ендорфини, додека вежбите на сила ги градат и чуваат мускулите.
Секако дека сонот е делот од животот во кој телото се обновува, а нарушениот сон го исфрла телото од метаболен баланс со тоа што предиспонира кон зголемено лачење на грелин, хормонот на глад, кортизол, хормонот на стрес, зголемена инсулинска резистенција и намалено ослободување на лептин па свесната контрола на апетитот кај луѓето кои не спијат доволно (помалку од 7 часа) е сериозно нарушена.
Хронично покачениот кортизол е една од највалидните причини за пандемијата на дебелина на денешницата заради познатото темпо на живеење, конкретно можам да ја опишам како отежнато будење, прескокнување на појадокот, па дури и на ручекот, неколку кафиња на ден, еден голем, најчесто вечерен оброк и секако вишок килограми. Пациентот без да е свесен, кажува дека јаде само еден оброк и се чуди како истиот може да го дебелее. Во позадина стои растроен метаболизам на изместен и хронично покачен кортизол кој ја покачува гликемијата и ја поддржува инсулинската резистенција, без соодветен внес на нутриенти во периодот кога на организмот му се потребни, значи супресија на гладот во текот на денот, но обично неконтролиран внес на калории во вечерниот период кога всушност организмот треба да се спрема за одмор. Многу истражувања покажуваат дека времето, а не калориите на внесот на храна одредува дали ќе настане дебелина, па така оброкот земен наутро е поврзан со нормална телесна тежина и сочувани обрасци на ситост и глад, намалена потреба за грицкање меѓу оброци и подобар сон.

Што би им порачале на пациентите кои сакаат да почнат промена, но не знаат од каде да почнат?
-Би им порачала да се охрабрат и да го направат првиот чекор без страв, да направат преглед со анализа за телесен состав на телото, добро да го запознаат своето тело и своите навики. Истотака да внимаваат на калорискиот, но уште повеќе на нутритивниот состав на храната и да воспостават нов и поинаков однос кон неа, што значи храната да се доживува како извор на енергија, наспроти кога оброкот прави да чувствуваме замор и поспаност. Да сфатат дека виталноста потекнува од секојдневните мали активности и дека дисциплината носи огромна награда преку здраво и витално тело. Онаму каде што дебелината опстојувала подолго или пациентот се наоѓа во специфично раздобје како на пример перименопауза, одредени пристапи со бихејвиорална тематика и/или медикаментозен пристап можат да бидат многу успешни. Н.Б.З.