Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (28)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на
„Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани
решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата водржавата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Да бидеме јасни уште на почетокот. Намерното прегазување куче со автомобил е грозоморен, нехуман и морално неприфатлив чин. Такво нешто не смее да се оправдува. Но, исто така, не смее да се дозволи токму тој чин да стане параван зад кој ќе се скријат вистинските причини за трагедијата.
Последниве денови повторно гледаме како јавната свест лесно се манипулира со емоции. Самонаречените борци за правата на животните ја насочија целата јавна осуда кон жената, како трагедијата да започнала во моментот кога автомобилот го прегазил кучето. Притоа, од приказната исчезна првата жртва – малиот домашен миленик, кој, според јавно изнесените информации, бил брутално усмртен. Исчезна и прашањето како воопшто дошло до тоа куче со таква физичка моќ да претставува опасност за околината. Исчезна и одговорноста на сопственикот, која е во центарот на благосостојбата на милениците.
Со години предупредувам дека најголемиот проблем не се кучињата, туку неодговорното сопствеништво. Речиси зад секоја трагедија стои човек. Во Македонија и регионот веќе имавме смртни случаи, тешки телесни повреди, напади врз деца, задавени домашни миленици пред очи на сопственикот, сообраќајни несреќи предизвикани од кучиња, понекогаш и на автопат, и огромни материјални штети. По секој таков случај зборуваме за последиците, но ретко за причините.
Овој случај повторно го отвора прашањето што со години го избегнуваме. Дали конечно е време законите да почнат да прават јасна разлика меѓу различните типови кучиња според нивниот потенцијален ризик? Не станува збор за тоа дека едно куче вреди повеќе од друго. Станува збор за тоа дека последиците не се исти.
Куче со голема телесна маса, сила и изразени чуварски или работни инстинкти, доколку е надвор од контрола, може да усмрти човек, дете или домашен миленик, да предизвика тешка сообраќајна несреќа, да собори велосипедист или мотоциклист и да создаде паника со трагични последици. Тоа не е прашање на омраза кон расите, туку на управување со ризик. Токму затоа голем број развиени држави предвидуваат посебни правила за одредени категории кучиња – построга регистрација, задолжителна обука на сопственикот, процена на ризик, осигурување, задолжителен поводник и повисока правна одговорност.

Не затоа што тие кучиња се „лоши“, туку затоа што последиците од нивната неконтролираност се неспоредливо потешки.
Од друга страна, постои уште една лицемерна тишина. Најчести жртви на ваквите напади се малите домашни миленици, кои се мнозинство миленици во македонските домови. Токму нивниот живот најлесно се девалвира. За нив во Македонија никогаш не се организирале кампањи и не се пишувале емотивни објави за правда. Нивната смрт се претставува како спореден настан, иако за нивните сопственици тие се членови на семејството.
Дополнително, малите салонски кучиња речиси никогаш не создаваат трајни слободноживеачки популации. Тие зависат од човекот и не можат долго да преживеат без негова грижа. Наспроти тоа, во слободноживеачките популации на Балканот значително почесто се среќаваат кучиња со потекло од овчарски, ловечки и други работни типови, бидејќи имаат поголем капацитет да преживеат и да се размножуваат во такви услови. И токму затоа политиките за одговорно сопствеништво мора да бидат различни според ризикот, а не според емоциите.
Најопасното во оваа приказна не е само една трагична одлука. Најопасен е емоционалниот популизам што ја претвора јавноста во порота, а фактите во непожелна пречка. За едната жртва се плаче, другата намерно се заборава. За последицата има бес, а за причината – молк. Најголема опасност за едно општество не е кога ќе погреши во еден случај. Најголема опасност е кога ќе почне да гради морал врз емоции наместо врз принципи. Денес е ова куче, утре ќе биде друг случај. Ако фактите секогаш губат од најгласната емоција, тогаш повеќе не живееме во правна држава, туку во општество во кое пресудите се носат според тоа кој подобро ќе ја освои јавната симпатија.
Намерното прегазување куче заслужува најостра морална и правна осуда. Но исто толку заслужува осуда и неодговорноста што овозможува моќно куче да стане закана за луѓето, за другите животни и за јавната безбедност. Ако повторно ја осудиме само последицата, а причината ја премолчиме, тогаш ништо нема да научиме. Ќе продолжиме да броиме нови жртви – и луѓе, и животни.
Вистинската хуманост не е да застанете на страната на кучето или на човекот. Вистинската хуманост е да застанете на страната на одговорноста. Вистинската хуманост не почнува со сочувство кон последната жртва. Таа почнува со спречување на првата трагедија. Да се спречи опасно куче да нападне човек или домашен миленик е исто толку хуман чин колку и спасувањето напуштено животно. Превенцијата е највисоката форма на хуманост. Само така ќе има помалку трагедии наместо повеќе статуси исполнети со гнев и евтина морална самопромоција.
Време е Македонија да престане да ги пишува законите како сите кучиња да носат ист ризик. Потребна е законска категоризација според големината, физичката сила, работната намена и потенцијалот за нанесување тешки последици, а со тоа и различни стандарди за одговорно сопствеништво. Поголем ризик мора да значи поголема одговорност. Тоа не е дискриминација. Тоа е принцип што одамна го применуваат многу развиени држави каде што фокусот е ставен токму на големите кучиња и нивните сопственици.
Илија Петковски































