Фото: ЕПА

Најмалку 4.490 лица загинале во двата силни земјотреси што минатиот месец ја погодија Венецуела, соопшти претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригес.

Бројот на загинати продолжува да расте повеќе од две недели по катастрофата. Само еден ден претходно, официјалните податоци покажуваа 4.333 жртви.

Родригес, кој е брат на привремената претседателка Делси Родригес, преку социјалната мрежа „Икс“ информираше дека во 108 привремени засолништа се сместени повеќе од 19.000 лица кои останале без своите домови.

Двата разорни земјотреси, со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, ја погодија Венецуела на 24 јуни, по што следуваа повеќе од илјада последователни потреси.

Во катастрофата целосно се уништени или сериозно се оштетени повеќе од 850 објекти, а најголеми штети претрпе крајбрежниот град Ла Гваира, кој се наоѓа во близина на главниот град Каракас.