Фестивалот „Охридско лето“ за публиката ја донесе балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ на Националната опера и балет. Во извонредниот амбиент на Долни Сарај, балетот во девет слики зборуваше за петте жени, петте куртизани што го обележиле бурниот живот на големиот уметник Пабло Пикасо, за нивниот живот и потрага по љубовта, смртта и слободата.
Кореографката и режисерка на оваа балетска претстава Олга Панго вели дека балетот е работен од домашна екипа околу три месеци, но секаде каде што е изведен наидува на позитивни критики.
– „Госпоѓиците од Авињон“ се демистификација на истоимената слика од уметникот Пабло Пикасо што ја направивме заедно со Сашо Димоски, либертист на оваа претстава, и Калиопи Букле, авторка на музиката. Претставата е работена во еден неокласичен манир својствен за нашата трупа, а играчите доволно добро го познаваат. Имавме навистина многу предизвици со оваа балетска претстава шетајќи ја низ регионот и секаде наидовме на позитивни критики – вели Панго.
Публиката уживаше во маестралната балетска игра на Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лoчеи, Агим Бафтии и Ендру Кук.