Фото: Пиксабеј

Компанијата „Фосил“ официјално објави дека се повлекува од пазарот на паметни часовници.
По серијата шпекулации за иднината на линијата паметни часовници што користи Веар ОС, „Фосил“ потврди дека повеќе нема да ги произведува тие уреди. Последниот модел што се појави на пазарот беше „ген 6“, а тоа се случи во 2021 година. Нема да има наследник, но од компанијата изјавија дека постојните часовници ќе добијат надградба во следните неколку години.
Портпаролот на „Фосил“ во изјава за „Верџ“ вели дека ова е стратегиска одлука и дека средствата ќе бидат пренасочени за поддршка на клучните деловни сегменти на компанијата, вклучувајќи традиционални часовници, накит и кожени производи. Оваа вест ќе ги разочара оние што се надеваа на модел „ген 7“.
Иако батеријата не им е силна страна, паметните часовници на „Фосил“ се меѓу најубавите на пазарот.