Фото: Приватна архива

На радио-станиците во Македонија веќе се врти новата песна на младиот прилепски музичар Филип Николоски, насловена „Срце ми е како ракија“.
Покрај музичкиот талент и вокалната способност, заштитен знак на Филип се насмевката и ведрината на неговиот дух кои му даваат сила да ја издржи борбата со церебралната парализа. Така стиховите во песната „Некој оди, некој брза, јас со песна стигнувам, се смеам, не тагувам и со радост живеам“ претставуваат и одраз на духот на младиот пејач Николоски.

– Мојата нова песна раскажува една боемска приказна и создавана  во стилот на мојата претходна песна. Музиката и аранжманот е на Рубин Димкоски, а текстот го создадовме заеднички – вели Николоски.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Иако прилепската публика добро го знае неговото име и присуствува на неговите настапи, пошироката  македонска јавност го препознава по песната „Само на добро нека е“ која по објавувањето, беше препеана од групата „Меморија“. Тоа пак, беше повод Николоски неколкупати да настапи со култната група, па така гостуваше на нивниот јубилеен концерт по повод 40 години постоење, а потоа со нив настапи и на „Златна бубамара на популарноста“ минатата година.

– Од дружбата и настапите со членовите на „Меморија“ имам прекрасно искуство кое не се опишува со зборови. На „Златна бубамара на популарноста“, лани, бев почестен да настапам со нив, а особено им сум благодарен што одлучија една од добиените награди да ми ја посветат мене- вели Филип.

Фото: Приватна архива

Минатата година, на иницијатива на Гордана Стојаноска, специјален едукатор и рехабилитатор   во СОЕПТУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Прилеп, каде Николоски го заврши своето средно образование, беше снимен документарен филм за него.

– Во документарниот филм претставени се моите почетоци, успесите во мојата музичка кариера, а целта е мојата приказна да биде мотив и поттик за учениците, да веруваат во себе и да ги остваруваат своите соништа. Тоа беше добра можност да се потсетам на моите средношколски денови. За вложениот труд и ангажман од срце им се заблагодарувам на проф. Цеца Видова -Трајческа, проф. Весна Миланоска и дефектологот Гордана Стојаноска – нѝ рече Николоски.

Тој засега настапува само во Прилеп, но се надева дека во скоро време ќе има настапи и во другите градови во Македонија. Вели дека двигател во создавањето на новите песни но и во неговиот музички пат е актуелниот гитарист на групата „Меморија“, прилепчанецот Рубин Димкоски, со кого делат слична енергија но и сличен вкус за музика.

– Ништо не е тешко ако доволно се сака. Дефинитивно двигател на мојата позитивна енергија е музиката. Ги поттикнувам сите, без разлика на тешките моменти во нивниот живот, да се борат. Секогаш работата и бробата ќе даде резултати-порачува Николоски.

Фото: Приватна архива

Филип Николоски во 2024 година од прилепското Радио Пела беше одликуван со признанието „13 величествени“.