Фото: МИА

Документарниот филм „Единствен – сеќавање на Тоше Проески“, чија авторка е Катарина Миловановиќ, а продукцијата е на Прва телевизија од Србија, премиерно ќе биде прикажан утре во 19 часот, во Младинскиот културен центар во Крушево.

Фото: Прва телевизија од Србија

– Сите оние кои ќе имаат можност да го погледнат филмот за Тоше Проески ќе ги запознаат и луѓето кои најдобро го познавале. За Тоше во филмот говорат Андријана Јаневска, Огнен и Соња Неделковски, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Жељко Самарџиќ, пријателите на балканскиот славеј, членовите на бендот, новинари, соработници… Има инсерти и од училиштето во кое учеше Тоше, неговиот прв јавен настап, за жал и од последниот концерт, предметите што неговите пријатели ги чуваат како реликвии – открива авторката на филмот, новинарката Катарина Миловановиќ, а продукцијата е на нејзината матична Прва телевизија од Србија.

Катарина Миловановиќ/Фото: Прва телевизија од Србија

Говорејќи за она што и оставило најголем впечаток и ја трогнало за време на снимањето на филмот, Катарина вели дека тоа е емотивната врска со Тоше која и денес е нераскинлива со сите со кои разговарала.

– Шеснаесет години поминаа од трагичната смрт на музичката легенда. Тоше денес требаше да го прослави својот 43-ти роденден. Со своите 26 години живот и 15 години музичка кариера тој остави зад себе многу хитови, бројни концерти, освоени награди… Сепак, дента кога трагично го загуби животот, регионот не плачеше само затоа што си замина еден голем музичар, туку пред се голем човек. Придонесот на Тоше не беше само во музиката на овие простори. Она по што луѓето го паметат е неговиот алтруизам, хуманоста и љубовта кон животот. За тоа најдобро сведочат изјавите на членовите на неговото семејство, на пријателите од детството, но и неговото родно Крушево во кое од тој 16 октомври 2007 година, времето како да е запрено. Неговите соработници го паметат неговиот извонреден талент, пријателите ведриот дух, а семејството најдобриот син, брат и вујко. Сите со нас ги споделија спомените и сеќавањата, забележани на фотографии, снимки и предмети долго чувани само за нив – ни рече Катарина Миловановиќ.

Фото: Прва телевизија од Србија

Влезот на промоцијата ќе биде бесплатен. М.Т.