„Скопје џез-фестивал 2026“

И, ете, повторно тој долгоочекуван „Скопје џез-фестивал 2026“ (СЏФ), со сета своја убавина, мистичност, традиција, урбаност успеа да ме изненади, и тоа позитивно. Ќе речете фестивал како секој фестивал, со подеми и падови, во зависност од годината во која се одржува, но оваа 2026 г. донесе неколку имиња што можат да се носат со звучните слики создадени од времињата кога тука свиреа еден Антони Бракстон, Реј Чарлс, „Арт ансамбл“ од Чикаго,… Не зборувам за значењето на имињата, зборувам за квалитетот што беше понуден годинава. Белопета и целиот тим околу него цврсто стојат на своите нозе и го буткаат „Скопје џез“ напред. А во тие четири ноќи различни видови на џез.
Првата ноќ, 15 октомври – Златко Каучич Комбо БС, Леонард Скорупа со „Квиспел квинтет“, Паскуале Мирра и Хамид Драке.
Шеснаесетти октомври посветен на интернационалниот фестивал „Пинкт“, со Еивинд Аарсет и Јан Банг Дрим Логик, Скули Сверисон и Олоф Арналд, лајф ремикс-настапот на Ерик Хоноре и Јан Банг, кој се одржуваше во малата сала во зградата на Националната опера и балет, што за многумина беше нешто ново. Третиот ден, 17 октомври, како втор настапи Ндудузо Макхатини, а потоа Александар Ховкинс и Софија Јерндберг. А пред сите нив беше првиот настап на „Андреа Мирчевска квинтет“, македонска џез-постава што едноставно оддува со своето фри џез-музицирање. Еден саксофонист, гитара, тапани, бас-кларинет и Андреа како лидер на контрабас. Едноставно нотите од еден инструмент летаа во просторот удирајќи се со нотите на другите инструменти, но не се кршеа туку се спојуваа во една прекрасна низа на звуци што доловуваа прекрасна магична атмосфера. Не попусто четворица од петте музичари на сцената беа прогласувани за најдобри џез-музичари од СЏФ низ годиниве, вклучувајќи го и годинашниот добитник, саксофонистот Нинослав Спировски. Овие петмина се нешто што треба сериозно да се впушти на светската џез-сцена, зошто и по квалитетот, и по импровизацијата, и по младоста и по автентичноста припаѓаат таму.

На 18 октомври, последната ноќ за оваа година, на сцената први настапуваат Бразилците „Сао Паоло андерграунд“ – тројка што звучи како да е составена од два оркестри. Нивната музика е експериментална и сѐ е вклучено во неа, но ако треба да се обележат, тогаш би влегле во дефиницијата на експериментален џез, ноиз хаос. Тука има сѐ, електроника, семплери, перкусии, тапани, клавијатури, вокали, труби и, иако дејствува како некаков хаос, сепак си има свој ред и поредок. Публиката, која ја исполни големата сала, беше вчудовидена од звучната слика на овие тројца неверојатни музичари. На паузата слушам меѓу публиката дека ова е најдобрата свирка за оваа година. И така и беше, сѐ додека не се појави последниот изведувач, групата „Ливинг биинг“, каде што во моментов членуваат најголемиот џез-хармоникаш Винсент Перани и исто толку големиот саксофонист Емил Паризиен, заедно со тапанар, басист и пијанист. Винсент Перани го следам многу одамна и го сметам за еден од најголемите импровизатори, и тоа не само со хармоника туку воопшто. Неговиот стил и начин на свирење се посебни, а заедно со Емил Паризиен те воведуваат во нивниот универзум. Почнуваат полека смирено и како што тече композицијата така почнуваат да лудуваат, целосна дисхармонија на ноти што звучи како неверојатна хармонија, па соло-излетите на саксофонот, на хармониката и на пијаното, за на крајот да кулминираат сите петмина во војна на нивните инструменти и идеи, тотален хаос. Нивните композиции се долги, во еден момент почнаа да свират композиција од 45 минути, на која публиката не престана да игра, да се соживува, да довикува и на крајот да даде голем аплауз. За бис изведоа теми што беа посветени на македонската и балканската народна музика, а во сето тоа додадоа нешто свое. Е, ова беше повеќе од настап и за многумина најголемо изненадување, особено користењето на хармониката како нетипичен инструмент во џезот. И тоа беше прекрасна завршница на годинашниов СЏФ.
За крај еве и еден дел од интервјуто со Винсент Перани. Пред соблекувалната сум. Излегува Винсент, висок (2,05 метри), огромен, бос (нема ништо на нозете), со раштркана фризура, насмеан како огромен хобит.
Која генерација хармоникаш си во твојата фамилија? Мислам, за да свириш така боговски треба неколку генерации претходно твоите да биле велемајстори на хармоника.
Винсент: (се смее) Нема врска. Мислам дека тоа некако ми доаѓа природно. Во мојата фамилија нема долга традиција на свирење хармоника. Ја сум првиот. Татко ми свиреше на друг инструмент, но само француска музика, непрофесионално.
Дали си сигурен дека си од таа фамилија?
Винсент: (повторно се смее) Па да, од таа фамилија сум.
Знаеш, јас мислев дека повеќе ќе го опфатиме твојот соло-период, каде што ти свириш долги сола на хармоника?
Винсент: Во Македонија дојдовме како бенд „Ливинг биинг“. Ги свиревме нашите композиции од нашите албуми. И тука имам одредени соло-делници, но не како во мојот самостоен опус.
Кога сме кај твојот опус, на што си горд, а си го создал во последно време?
Винсент: Имам снимено неколку албуми со повеќе музичари, но она што би го одвоил е проектот со жена ми, која прекрасно пее. Тој албум е за мене нешто посебно.
(Жената на Винсент е пејачка и заедно соработувале на проектот „So Quiet“, каде што ги снимиле песните што им ги пееле на нивните два сина. Прекрасен албум со прекрасна атмосфера.)

Одат ли по стапките на своите родители вашите синови Ензи и Изао?
Винсент: Не, тие се кошаркари и високи се над два метри. Играат во француската лига. Јас ги гледам нивните натпревари и воопшто ја сакам кошарката. И јас играв кошарка на времето.
Значи, ти си Јокиќ на хармониката.
Винсент: Јокиќ е неверојатен и благодарам што ги спореди неговиот и мојот талент. Благодарам.
Како ти се допаѓа оваа СЏФ-манифестација?
Винсент: Одлична е, и салата и публиката и организаторите. Секоја чест.
Немаме многу време и еве го последното прашање. Гледам и слушам дека еден дел од концертот посветивте на балканската музика. Знаете дека кај нас секој втор свири на хармoника?
Винсент: Го знам тоа, но и јас сум воодушевен од вашата музика. Затоа и свириме песни од вашиот регион. Особено ми се допаѓа вашиот македонски 7/8 ритам и речиси на секој концерт, каде било, импровизирам во стилот на вашата музика.
Ви благодарам многу. Се надевам дека ќе ве видиме повторно тука на СЏФ, но како соло-музичар. А да, доколку некогаш се уморите од вашиот стил на музика, секогаш може да дојдете тука и да свирите наша музика на наши веселби и свадби.
Винсент: (се смее) А можам ли да живеам од тоа?
Секако.

Љупчо Давчев