Фото: Пиксабеј
  • Традиционалните бајки не треба да се отфрлат, туку треба критички да се читаат и да се претворат во причина за разговор

Што ако токму од бајките ги добиваме првите идеи за тоа кому да му веруваме, како се решаваат конфликтите и што значи да се припаѓа на заедницата – не само во семејството и во училиштето? Во време кога сè повеќе се зборува за врсничкото насилство, за исклучувањето и за нетолеранцијата кон различностите, вреди да се запрашаме какви пораки апсорбираат децата од приказните што со генерации ги сметаме за забава.
– Бајките не се само приказни за принцези и змејови. Тие се меѓу првите приказни што им покажуваат на децата како функционира светот – кој има моќ, кому му се верува и како се решаваат проблемите. Затоа, покрај развивањето на имагинацијата, тие пренесуваат и општествени вредности, норми и очекувања. Кога хероите се силни мажи, а хероините пасивни и убави, додека различноста често се поврзува со опасност или зло, децата можат да усвојат едноставни идеи за моќта, припадноста и меѓучовечките односи. Ова не значи дека традиционалните бајки треба да се отфрлат, туку дека треба критички да се читаат и да се претворат во причина за разговор. Може ли принцезата сама да бара решение? Дали конфликтот секогаш се решава со сила? Дали различноста е причина за страв или можност за разбирање?
Ваквите прашања развиваат емпатија, критичко размислување и социјални вештини што им се потребни на децата во секојдневниот живот. Нивните херои не се дефинирани според нивниот изглед или според однапред одредени улоги, туку според одлуките што ги донесуваат, солидарноста што ја покажуваат и според одговорноста што ја преземаат. Наместо да чекаат чудо или спасение, тие решаваат проблеми преку соработка, дијалог и разбирање на другите.