Познатиот македонски музичар Блаж Маротов почетокот на годината ќе го одбележи со нова песна. Мелодијата е насловена „Доказ“, а на јавноста ќе ѝ биде претставена утревечер (18 јануари), во скопскиот „Солис лаунџ бар“ во Капитол мол во Аеродром, со почеток во 20 часот.
Автор на музиката е Златко Бошковски, а текстот е на Зоран Гаџоски- Гега и двајцата од Гостивар. Аранжманот, продукцијата и постпродукцијата се на Блаж Маротов. Песната е снимена во неговото студио „БиМ“, а тој ги отсвире и клавијатурите, хармониката и соло-гитарата.
– Песната се снимаше од октомври минатата, до јануари годинава. Изработен е и интересен видео-запис, што ќе биде претставен на утрешната промоција. Со авторот Златко Бошковски ова ни е втора соработка, бидејќи неговата композицијата „Твојот поглед“, на текст на Драган Матески, ја исполнив на минатогодишниот „Охрид фест” на Интернационалната вечер – вели Маротов.
Како сестран музичар, изведувач, професор, кантавтор, текстописец и пејач, тој умее да направи одлично авторско дело, но и да препознае добра песна од друг автори кога му се нуди. Маротов за „Доказ“ вели е една од тие нумери, што не можат да се одбијат.
M.T.