Австралиските научници тврдат дека откриле непознат објект, невиден досега, кој ротира во Млечниот Пат, пренесе „Гардијан“.
Овој објект не наликува на ништо што досега им е познато на научниците, а прв го откри студентот на универзитетот „Куртин“, Тајрон О’Доерти, кој забележа огромно ослободување радиоенергија, која траеше по цела минута на секои 18 минути.
Тој користеше телескоп и нова техника што самиот ја развил, а инаку беше дел од тимот предводен од астрофизичарката Наташа Харли Вокер од Меѓународниот центар за истражување на радиоастрономијата на универзитетот „Куртин“.
Предметите што пулсираат, се вклучуваат и исклучуваат, често се документирани во вселената, меѓутоа, според истражувачите, не се случува често нешто да свети една минута на секои 18 минути.
Објектот е оддалечен 4.000 светлосни години од Земјата, исклучително е светол и има исклучително силно магнетно поле. Теориите за тоа што би можел да биде објектот вклучуваат неутронска ѕвезда или „бело џуџе“ – термин што се користи за остатоците од колабирана ѕвезда.