Најстариот машки горила на светот, еден од најстарите три живи горили, почина во зоолошката градина во Атланта. Ози почина на 62-годишна возраст, тежеше 156 килограми, а причината за смртта сѐ уште не е официјално позната. Тој се сметаше за вистинска легенда на зоолошката градина и беше единствениот жив член од првата генерација горили што пристигнаа во 1988 година. Минатата недела чуварите забележале дека Ози има послаб апетит и се обиделе да го мотивираат да јаде.
– Во изминатите часови тимовите го лекуваа кога покажа симптоми како отечено лице, слабост и неможност за јадење и пиење. Ќе биде извршена обдукција за да се утврди причината за смртта – соопштија од зоолошката градина.
Смртта на Ози дојде неколку дена откако неговата партнерка Чумба беше евтаназирана поради лошо здравје. Таа имала 59 години, а заедно живееле во истото живеалиште во зоолошката градина во Атланта повеќе од 15 години.
Со чуварите комуницирал со вокализација и низа карактеристични удирања по вратите и прозорците. Ози има повеќе од 20 потомци, а ги остави ќерката Кучи, синовите Кекла, Стади и Чарли, внуката Лулу, правнуката Енди и правнукот Флојд, кои живеат во истата зоолошка градина. Другите потомци се во други зоолошки градини во САД и во Канада.