Најскапото место за живеење во Русија не е Москва, туку градот Анадир на Далечниот Исток. Анадир е една од најизолираните заедници во Русија и наедно е најскапото место за живеење во оваа земја, објави руската агенција за статистика Росстат во својот годишен извештај.
Анадир е главен град на Чукотскиот автономен округ и се наоѓа во Арктичкиот круг, а е многу важно пристаниште во Берингово Море, морски премин што ја дели Русија од американската држава Алјаска на само 83 километри. Поради изолацијата и недостигот од патен транспорт, патувањето до и од градот главно се потпира на воздушниот сообраќај. Директен лет до Москва трае повеќе од осум часа.
Податоците на Росстат врз основа на цените на 264 вида стоки и услуги за широка потрошувачка покажуваат дека Анадир е за 57 отсто поскап од националниот просек. Зад Анадир, кој е најисточниот руски град, се заедниците во регионот Камчатка и Јакутија, два исто така далечни источни региони.
Мерењата се осмислени за да ѝ овозможат на Владата да ги процени трошоците за живот во одредени градови во споредба со Русија како целина. Затоа не се земаат предвид приходите, туку фокусот е на цената на стоките и услугите. Во согласност со високите трошоци за живот, Чукотка има и многу повисока просечна плата, 2,2 пати повисока од националниот просек.
Статистиката покажа дека најниски цени на стоки и услуги има во Назран, најголемиот град во Република Ингушетија, во Северен Кавказ. Ингушетија е исто така регион со највисока стапка на невработеност во земјата со 31,6 отсто и далеку над националниот просек од 5,9 отсто.
На почетокот на оваа година, Московскиот финансиски универзитет ја прогласи Москва за најдобар руски град за живеење, пред Санкт Петербург, Грозни, Магнитогорск и Владимир. Предвид беа земени трошоците за живот, просечниот приход, социјалните проблеми, квалитетот на комуналните услуги и нивото на образование.