Орторексија – болест на новото време

Денес повеќе од кога било сме преокупирани со здрава исхрана. Додека порано размислувавме на тоа како ќе изгледаме, сега ни е битно и како ќе се чувствуваме по консумирањето на оброкот. Меѓутоа, како што диетите можат да доведат до многу нарушувања, изгледа дека до тоа може да дојде и поради претераната преокупираност со здравата храна. Тогаш се јавува орторексија, од која боледувал дури и најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ.
Но што е, всушност, орторексија? Тоа е психичко нарушување, односно „екстремна“ посветеност, која подразбира оптовареност со приготвување на храната, планирањето на менито, редовно вежбање. Тука спаѓа и борбата со пестицидите, хербицидите и конзервансите, а доколку се случи некое орторексично лице да изеде нездрава храна, нема да се чувствува добро ни психички, велат стручњаците. Оваа болест прв ја дефинира докторот Стивен Братман во 1997 година.

По булимијата и анорексијата стигна орторексија

Една популарна веганка на Инстаграм призна: „Поради интернетот добив нарушување во исхраната. Иако на почетокот орторексијата ја мешаа со анорексијата, заклучено е дека овие две нарушувања немаат никаква сличност. Анорексијата има цел намалување на телесната тежина и екстремно слабеење, а орторексичарот повеќе се грижи да се прочисти со исхраната, да внесува само здрави, непреработени намирници. Тие сами ја приготвуваат својата храна, ја носат во кутии со себе и нејзиниот квалитет им е многу важен“.
Професионалците за ментално здравје што се занимавале со проучување на ова нарушување заклучиле дека психички здрав човек се согласува да јаде и нездрава храна, мрсна и калорична и тоа го прифаќа нормално, додека на лицата што се заинтересирани само за здрава храна им е неопходна терапија.
Оваа модерна болест е доволно проучена, па е направен и профил на орторексичарот. Причината е фактот дека лесно можеме да забележиме дали е некој агресивен, депресивен или има други психички проблеми, но според тврдењата на стручњаците, тешко е да се стави линија меѓу „нормална“ и „орторексична“ личност и да се означи моментот, таканаречената граница на нормалноста во она што избираме да јадеме.

И Новак Ѓоковиќ се борел со орторексија

Една од светски познатите личности што се бореле со овој проблем бил и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, па затоа медиумите пред неколку години известуваа дека тој страда од оваа „опасна“ болест, бидејќи во тој период имал неуспеси и на спортските терени. Се сметало дека главната причина за падот на неговата форма е новиот, здрав начин на исхрана што славниот спортист почнал да го практикува.
Дури и познатиот швајцарски нутриционист Јирг Хисли се обидел да објасни за што всушност се работи во авторски текст, каде што го објавил своето мислење дека орторексијата е виновна за тешката ситуација во која се нашол Ѓоковиќ, бидејќи во неговиот случај здравјето и неуспесите на теренот се поврзани во причинско-последична врска. Според стручњаците, нема ништо лошо во одлуката да се храните здраво, под услов да сте подготвени на компромис, со тоа што повремено во организмот ќе внесете и „нездрава“ храна.

Детални анализи пред секое јадење

Во случај на ова нарушување, ситуацијата се комплицира доколку имате потреба детално да испитувате во која мера секоја намирница е добра за вашето здравје.
– Не е доволно тиквичките да се одгледани органски. Овие личности мораат да знаат и од каде точно стигнале и што производителот подразбира под „органска храна“. Исхраната им станува животна тема и постојано се преокупирани со неа – објаснува психотерапевтката Мартина Биненштајн.
Таа вели и дека списокот на намирници што ги сметаме за „здрави“ сѐ повеќе се намалува, па така, на крајот, не останува ништо што би смееле да го јадеме. Доколку таквата личност ги прекрши правилата што самата си ги поставила, почнува да ја мачи грижа на совест и се лути на самата себе. Од овој маѓепсан круг е многу тешко да се излезе, но како доаѓа до тоа здравата исхрана до таа мера да завладее со нечиј живот е прашање на кое стручњаците сѐ уште немаат одговор. Меѓутоа, Мартина Биненштајн заклучува дека е битно да застанеме и да се замислиме над тоа што е навистина важно во нашиот живот и што сакаме да направиме, па да го избереме најдобриот можен пат што ќе ни овозможи да бидеме задоволни, но и опуштени.