Тоде Новачевски и Влатко Миладиновски

Тоде Новачевски, авторот на некои од најубавите македонски народни и забавни мелодии, вчера нѐ напушти по долго и тешко боледување. Почина во Мелбурн, Австралија, каде живееше триесетина години по неколку годишна битка со канцер на белите дробови.

За жал, не му се оствари огромната желба да дојде во Македонија повторно, иако како што напиша на социјалната мрежа Фејсбук неодамна, куферите одамна му биле спакувани.

Простувајќи се од него голем број негови блиски, пријатели, колеги за Тоде велат дека е голем автор, професор, текстописец, музичар, пејач, но пред се голем човек.
Неговите песни „Призанавам“, „Ако не изчезнам“, „Едно срце имам душо“, „Око мое“, што ги испејаа во дует близначките Росана и Маријана Сариќ, која подоцна стана и негова сопруга, се уште му пркосат на забот на времето, како и антологиската „Од љубов не се бега“ што ја отпеа Зафир Хаџиманов, „Има една судбина“ на Наум Петревски и Росана, која ја отпеа и „Свири ми брате цигане“, „Ангелина“ на Перо Христов и уште многу други бисери, уште долго ќе не потсетуваат на неговиот талент и големина. Секако Тоде имаше и уникатен глас, које овековечен во многу песни, а најкарактертсична е неговата изведба на главната тема од телевизиската серија „Трст виа Скопје“.

Една од последните негови авторски песни е „Велат не нема“ што ја отпеа Влатко Миладиновски, за која Тоде Новачевски е автор на музиката, а текстот го напиша Крсте Наумовски, која победи на „Гоце Фест 2018“, кога ја доби и наградата од Здружението на деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Многу брзо песната стана химна на Македонците раселени низ целиот свет.

– Песната ја слушнав пет месеци пред да ја снимам. На телефон ми се јавија авторите Тоде Новачевски и Крсте Намуовски – Мечкар, и двајцата живеат во Австралија. По првите два тона се наежив и знаев дека песната е за мене и оти ќе ја снимам. За добриот звук заслужни се и музичарите: Новица Василевски на кларинет, Филип Нунески-труба, Орце Лазаров-бас, Даме Коларовски-тапани, а се снимаше во студио „Анастасија“ – ни рече своевремено во интервју за „Нова Македонија“ Влатко Миладиновски.

Тој не очекувал дека со „Велат нѐ нема“ ќе постигне толку голем успех.

– Песната е напишана е за Македонците во Егејска Македонија, но се однесува на нашинците кои се расеани насекаде низ светот. Сите зборови што се кажани во неа се искрени, и јас, со сето срце и душа стојам зад нив. Пресреќен сум што песната е инспирација и поддршка за се она што на луѓето откорнати од татковината им значи Македонија. Во моментов сум во Австралија на голема австралиска турнеја и „Велат нѐ нема“ се пее насекаде. Емоциите и реакците на луѓето не можат да се опишат со зборови, тоа може само да се доживее – вели во интервјуто од 2019 година Миладиновски.

Тој со авторите, композиторот Тоде Новачески и текстописецот Крсте Наумовски, често контактирал пред да се сретнат во живо.

– Со Тоде и Крсте првпат во живо се сретнав на еден од моите концерти во Австралија, поточно во Мелбурн. Прекрасни луѓе се и чинам дека и тие се задоволни од заедничкиот успех што го постигнавме. Јас се надевам дека „Велат нѐ нема“, со текот на времето ќе си го најде своето место во македонската музичка антологија. Секако и во иднина ќе снимам патриотски песни, бидејќи Македонија е непресушен извор на инспирација – изјави Миладиновски.

Вчера, откако ја дознал веста за заминувањето на Тоде Новачевски, Влатко со одбрани зборови се прости од големиот автор.

– Тоде беше човек кој беше бескрајно вљубен во музиката, во семејството и во својата татковина Македонија! Јас имав Огромна среќа и чест да испеам една песна на која што тој беше автор – „Велат не нема“. Се сретнавме само еднаш во Австралија, но се чуствувам како да го познавав цел живот… Останаа уште многу нереализирани планови за музички проекти ,песни,с нимања. Една песна која што не стигна да ја слушнеш. За жал не се оствари желбата да се вратиш во Македонија, ниту пак желбата да пиеме кафе „Таму покрај реката“. Му благодарам на Господ и среќен сум за секој контакт и секој миг што го имав со тебе… – напиша со многу емоции Влатко Миладиновски на социјалните мрежи.