Тим на научници соопштиле дека за првпат откриваат џуџести жирафи во Африка, кои имаат двојно помал раст од вообичаените, пренесува „Би-би-си“.

Два машки примерока наречени Гимли и Најџел се пронајдени на две одделни локации во Намибија и Уганда, објавила Фондацијата за заштита на жирафи, додавајќи дека ова се први потврдени случаи на џуџести жирафи. Двете животни имаат пократки нозе од другите жирафи на иста возраст.

Научниците ги забележале за време на фотографските истражувања чија цел била утврдување на бројот и распространетоста на жирафите низ Африка.

– Нашите претпоставки се дека веројатно станува збор за некое отстапување во развојот, што резултирало со разлики во растот на коските и ‘рскавиците – изјавил Мајкл Браун од Фондацијата за заштита на жирафи.

Тој додаде дека двете жирафи ја преживеале критичната фаза кога се ранливи на грабливци.