Дизел-моторот првично бил развиен да работи на масло од кикирики, а не на горивото на кое работи денес. Неговиот творец го создал да работи на секој вид масло што гори, па дури и со горива со слаб квалитет, сѐ со цел дизел-моторот да може да работи и да се користи во делови од светот што не биле допрени од индустриската револуција, пренесе порталот „Е-гејт“.
Ова значи дека дизел-моторите можат да работат и на други опции што не се толку штетни како дизелот.

Биодизел

Биодизелот е генеричко име за дизел-гориво што е направено од природни извори што не вклучуваат компоненти базирани на нафта. Тоа може да биде растително масло, па дури и животински масти што се преработени за да можат да се користат како гориво. Некои од најдобрите извори се семе од репка и палмино масло, но секое растение богато со масло може да послужи. Маслото може да се меша со обично дизел-гориво или да се користи самостојно. Сепак, ова не е совршена основа, бидејќи не може да се складира како дизелот и ја губи својата корисност по осум месеци.

Користено растително масло

Рециклираното масло за јадење во основа спаѓа во категоријата биодизел, но тоа е различно бидејќи не му треба посебен производствен процес. Не само што заштедува енергија за да се направи туку е и значително поеколошко. Сепак, не може само да се исцеди маслото од фритезата и да се стави во резервоарот. Маслото прво мора да се филтрира за да се отстранат сите нечистотии и треба да му се додадат одредени хемикалии за моторот да функционира правилно. Всушност, моторот што работи само на масло за јадење мора да има вграден грејач за гориво, инаку системот може да се затне.

Диметил етер

Диметил етерот е гас што може да се најде како состојка во лакот за коса, но неговата употреба оди подалеку од тоа. Докажано е дека тој е гориво за мотори со компресирано палење со минимални модификации. Во исто време, ги подобрува емисиите на дизел-моторите бидејќи ги елиминира емисиите на штетни честички, а во исто време не ги намалува перформансите на моторот.
Горенаведените горива се многу ветувачки, но тие не се единствената опција за палење на дизел-моторите. Во некои студии се споменува и бутанолот, но тешко е да се користи сам и треба да се комбинира со стандарден дизел во одредени пропорции за да функционира. Може да се користи и етанолот, но исто така треба да се меша со други горива за да согорува и да се постигне потребното подмачкување. Сепак, тоа може да се направи со 15 проценти од мешавината на горивото.
Горивото од алги исто така е на листата на ветувачки алтернативни горива. Наводно, некои видови микроалги се одлични во производството на нафта, а процесот на негово приготвување во основа е ист како и процесот за правење на обичниот биодизел.