Пејачот Ѓоко Ѓорчев ќе соработува со познатиот инфектолог д-р Вело Марковски на познатата народна песна „Параходот ми пристигна“, која беше „лична карта“ на легендарниот пејач Никола Бадев.
– Мојот пријател д-р Вело Марковски е врвен инфектолог, но исто така многу ја сака песната и одлично пее. Спонтано се договоривме да ја снимиме. Изборот падна на прекрасната мелодија „Параходот ми пристигна“, на која никој не може да остане рамнодушен, а убеден сум дека убаво ќе звучи и во наша изведба. Снимањето ќе биде во студиото „Анастасија“, а аранжманот ќе го прави Љупчо Павловски, додека маестро Ристе Тусевски ќе свири на хармоника – вели Ѓорчев.
Тој дополни дека првпат ќе сними народна песна што за него е уште еден креативен предизвик.
– Мој фах е поп-музиката, но неодамна успешно направив излет и во класичната музика, а наскоро првпат ќе отпеам една од најубавите македонски изворни песни „Параходот ми пристигна“. Во план е и снимање видеозапис, а ќе ја промовираме следната 2022 година, кога ќе одбележам 30 години активност на македонската музичка сцена – вели Ѓорчев.
Д-р Вело Марковски досега снимил неколку песни, а една со наслов „Те сакам“ ѝ посвети и на својата сопруга Евгенија. Познатиот инфектолог сними и своја верзија на патриотската песна „Налеј, налеј“, а новиот аранжман го направи Љупчо Соколовски-Бубе.