Холивудската актерка Шарлиз Терон во последно време успешно балансира помеѓу улогите во драмите и во акционите филмови. По големата улога во минатогодишниот хит „Секс-скандал“, Шарлиз оваа година ќе се појави во суперхеројскиот филм „Старата гарда“, кој ќе биде достапен на Нетфликс од 10 јули.

Како што пишува „Камингсун.нет“, станува збор за адаптација на истоимениот стрип на Грег Рак за група војници предводени од жена по име Енди, која ја игра Шарлиз Терон. Тие инаку се бесмртни и со векови работеле за други како платеници, а во 21 век, сепак, откриваат дека не се единствените што ја поседуваат таа моќ.
Во исто време, ним им се заканува нова опасност од непозната организација, која го снимила нивното „издигнување од мртвите“ на камера.

Филмот „Старата гарда“ е во режија на Џина Принц-Блајвуд, главната улога ѝ припадна на оскаровската Шарлиз Терон, а покрај неа глумат и Марван Кензари, Кики Лејн, Матијас Шоенаерс, Лука Маринели, Хари Мелинг, Чиветел Еџиофор и Вероника Нго.