Сите ја знаеме изреката „вие сте она што го јадете“. Според најновата студија, ова се однесува не само на телото туку и на психата. Брзата храна во голема мера го зголемува ризикот од развој на депресија, покажа големо истражување спроведено во Велика Британија, Шпанија и во Австралија, чии резултати беа објавени во списанието „Молекуларна психијатрија“.
Истражувачите анализирале податоци од 41 студија за да откријат дали постои врска помеѓу депресијата и исхраната.
– Системското воспаление може да влијае на менталното здравје со пренесување на проинфламаторните молекули во мозокот. Може да влијае и на невротрансмитерите што се одговорни за расположението на една личност – објасни водачот на проектот, д-р Камила Ласеил.

Храната богата со шеќери и масти, односно преработената храна во организмот предизвикува воспаление не само на дигестивниот систем туку и на целото тело, кое го нарекуваме системско воспаление.
Во овој случај, лошата исхрана влијае на телото исто колку и пушењето, загадувањето на воздухот, дебелината и недостигот од рекреација.
– Хемијата во цревата е многу слична на хемијата во мозокот. Ова значи дека хранливите материи што ги внесуваме во организмот можат да влијаат на нашата ментална состојба – вели докторот Космо Халстром, експерт за депресија.
Најдоброто нешто што може да се направи во врска со тоа е да се внимава што се јаде. Научниците советуваат медитеранска диета, односно риба, овошје, зеленчук, ореви – храна што го штити мозокот и го крева расположението.