Интернет-мемињата се средиштето на новата изложба што се одржува во Хонгконг, а ќе трае до почетокот на септември, и се смета за прв музеј за мемиња во светот. Се одликува со седум главни области со најпознатите шеги на интернет, според инстаграм-профилот на трговскиот центар „К11 Арт“.
Трговскиот центар на седум ката во Цим Ша Цуи „ја враќа уметноста во секојдневниот живот“ изложувајќи во своите шопинг-простории.
Изложбата беше отворена минатиот месец со интернет-страницата за хумор и сатира 9ГАГ со седиште во Хонгконг, позната како платформа за размена на мемиња.
Посетителите на изложбата можат да поминат низ „временскиот тунел“ за да ја видат историјата на мемињата низ редовите од телевизиски екрани.
Во центарот на вниманието се препознатливите мемиња, како оние на раперот Дрејк, Сунѓерот Боб и очајниот обожавател на крикет од Пакистан, кој на Твитер го покажа своето задоволство што беше претставен во музејот. Фотографијата на Пакистанецот се рашири масовно на интернет поради неговата бесна реакција на испуштената топка на Светското првенство во крикет во 2019 година.
Исто така има и привремена станица за тетовирање што нуди отпечатоци од мемињата, кабини за фотографирање што создаваат приспособени мемиња и 4Д интерактивна зона.
Изложбата за виртуелна реалност ги оживува моделите на 2Д-мемиња додека минуваат покрај екранот на подвижната лента, што може да се види и на видеото на Јутјуб. Според организаторите, еден од главните моменти на музејот е дебитантскиот НФТ на 9ГАГ – колаж од мемиња што беа продадени на аукција за 25.000 долари.