Компанијата „Врџн галактик“ наскоро ќе започне со клучната серија пробни летови на патнички ракетен авион.

Возилото „Јунинти“ досега тестираше само летови без погон, а на почетокот од годинава е префрлено во оперативната база во Ново Мексико.

„Јунити“ со својот хибриден ракетен мотор ќе проба да се искачи до границата со вселената.

Овие тестови ќе ѝ овозможат на компанијата „Врџн галактик“ да почнеда нуди комерцијални услуги.

Шестотини луѓе досега имаат платено депозит за да се возат со „Јунити“, а многумина од нив парите ги уплатиле пред повеќе години.

Џорџ Вајтсајдс, еден од членовите на компанијата, вели дека чекањето наскоро ќе заврши.

– Нашиот следен лет ќе биде само за двајца пилоти, за да направиме системска проверка. Откако ќе го направиме тоа, веќе ќе бидеме на возбудлива територија, затоа што ќе сместиме четворица во патничката кабина. Нема да соопштиме колку точно летови ќе направиме затоа што мора да се направат сите проверки – вели Вајтсајдс.

Ќе почнат комерцијалните летови

Вчера компанијата објави детали од тоа како ќе изгледаат патничките кабини на „Јунити“ за шест лица. Кабината е дело на лондонската дизајнерска агенција „Сејморпауел“.

Седиштата ќе се преместуваат за да се синхронизираат со забрзувањето и различните фази на летот – при полетување во вселената и при спуштање на Земјата. Пред секое седиште ќе има екран преку кој ќе може да се следи летот, а 12 големи прозорци ќе бидат гаранција дека ниту еден патник нема да се бори за подобар поглед.

Шеснаесет камери ќе го регистрираат нивното искуство

– Ова ќе биде најневеројатната кабина што некогаш летала во вселената. Имаме и огледало во задниот дел на кабината, што е одлично, затоа што луѓето ќе можат да се видат себеси во вселената – вели Вајтсајдс.

„Врџн галактик“ веќе има комерцијална лиценца за летање, меѓутоа мора да „помине“ и преку листата за „верификација и потврда“ пред да може да дочека патници на бродот.

Неодамна компанијата потпиша договор и со Американската вселенска агенција, па „Галактик“ и НАСА заеднички ќе работат на нова технологија за патнички летови со суперсонична и хиперсонична брзина.

„Врџн галактик“ ја основа британскиот претприемач Сер Ричард Бренсон, во 2004 година.

Неговиот сон бил да создаде комерцијални летови во вселената, што се покажа како исклучително тешка задача. Доколку не дојде до неочекувани проблеми во следниве неколку месеци, по сè изгледа дека сонот на Бренсон ќе се оствари.