Иако во јануари само се шпекулираше дека Таика Ваитити ќе биде режисер на новиот филм „Војна на ѕвездите“, оваа вест сега веќе е и потврдена на официјалната страница на филмот. Ваитити, кој неодамна освои „оскар“ за најдобро сценарио за филмот „Зајакот Џоџо“, овој пат ќе биде и косценарист на сѐ уште неименуваниот филм, заедно со Кристи Вилсон-Каирнс, која беше косценаристка на филмот „1917“.
Овој потег ќе го обележи вториот влез на Ваитити во универзумот на „Војна на ѕвездите“, по режирањето на финалето на првата сезона од „Мандалоријан“ за „Дизни“. Веста следува по најавата дека креаторката на „Руска кукла“, Леси Хедленд, исто така, подготвува нова серија „Војна на ѕвездите“ за „Дизни“, која ќе се приклучи на серијалот „Роуг уан“ и оној што се фокусира на животот на Оби-ван Кеноби.

По неговата оскаровска комедија „Зајакот Џоџо“, следниот филм на Ваитити ќе биде фудбалската комедија „Следниот гол победува“, во која ќе глумат Мајкл Фасбендер и Елизабет Мос. Тој, исто така, ќе се врати во универзумот на „Марвел“ за да го сними „Тор: љубов и грмеж“, што следува по неговиот хит „Тор: Рагнарок“.
– Би сакал да направам секаков вид филм доколку има смисла и доколку не претставува „самоубиство“ во кариерата – откри Ваитити за „Вариети“ во февруари.
Откако „Подемот на Скајвокер“ затвори еден серијал, се почувствуваа одредени „потреси“ во галаксијата.

„Дизни“ одреди датум во декември 2022 година за нова авантура, но тогаш креаторите на „Игра на тронови“, Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс, го напуштија планираниот проект „Војна на ѕвездите“. Режисерот на „Последниот џедај“, Рајан Џонсон, сè уште е приврзан за посебната трилогија. Во јануари, тој откри дека сè уште преговара со „Лукас филм“. До денес, филмовите „Војна на ѕвездите“ заработија над 10 милијарди американски долари во киноблагајните низ светот.