Ако сте љубител на романот „Големиот Гетсби“, веруваме дека ќе ве израдува веста дека по филмовите на Џек Клејтон и Баз Лурман, наскоро доаѓа нова сага за животот на Џеј Гетсби. Неодамна „Холивуд репортер“ ги информира своите читатели дека повторно ќе ја гледаме трагичната судбина на милионерот, која секогаш е инспиративна тема. Мајкл Херст реши да застане зад овој проект, по серијата „Викинзи“ и други успешни наслови.
За потсетување, романот беше објавен уште во 1925 година, а дејството се одвива на северниот брег на Лонг Ајленд, Њујорк, за време на летото 1922 година.
– Ми се чини како Гетсби да ми бил придружник цел живот, го читав како ученик, а потоа им предавав на студентите на Оксфорд во текот на 1970-тите и одвреме-навреме му се враќам – рече Херст за романот.
Луксузните забави, урбаниот дух и револуцијата во облекувањето, отелотворени во изразот на лудите 20-ти години од минатиот век, означија пресвртница во Америка. Меѓутоа, Мајкл Херст се обидува да го надмине познатото.
– Зад сцената на романтичната приказна има друга, која всушност е поинтересна – вели тој.
Наспроти несреќната љубов на Џеј и Дејзи, ќе биде прикажано американското општество во вистински хаос, а токму тоа ќе биде акцентот во оваа мини-серија. Сценаристот додава дека сега е вистинско време да се внесе нов живот во безвременскиот текст, така што добропознатите ликови ќе ги доживееме низ призмата на модерното искуство на полот, расата и сексуалната ориентација. Јасно е дека нè чека сосема поинаква презентација на романот во однос на бајковитиот филм на Баз Лурман, со Леонардo ди Каприо во главната улога.