Стручњакот за бои Гевин Еванс, во интервјуто за „Бизнис инсајдер“ открил дека во 19 век и почетокот на 20 век мајките биле советувани да ги облекуваат момчињата во розово за да израснат во силни мажи

Со години живеевме во свет во кој се сметаше дека розовата е традиционално боја за девојчиња, додека сината е резервирана за момчињата. Оваа строга поделба и денес постои, од детска облека преку книги, па сѐ до на изглед небитни работи, како што се четкички за заби или хартија за пакување подароци. Но постоело време кога сината боја била „женствена“, а розовата била наменета за момчињата.
Концептот што некои бои ги поврзувал со полот се родил дури кон средината на 19 век, пишува порталот „Винтиџ њуз“. На крајот на 19 и почетокот на 20 век и сината и розовата почнале да се поврзуваат за момчињата и девојчињата, но не како денес. Всушност, сина, главно, носеле девојчињата, додека розовата била омилена нијанса за момчињата. Магазинот „Ернсшоу инфантс департмент“ во 1918 година објавил текст во кој се тврди: „Розовата е посилна и храбра боја и посоодветна е за момчиња, а сината е поделикатна и понежна и поубава е за девојчињата“.

Теориите што го објаснуваат ова тврдење варирале со текот на годините, но главно се верувало дека сината е поврзана со Богородица, па затоа имала женска конотација, додека розовата се поврзувала со црвената на која се гледало како на силна боја, па со самото тоа таа била посоодветна за мажите. Стручњакот за бои Гевин Еванс, во интервјуто за „Бизнис инсајдер“ открил дека во 19 и почетокот на 20 век мајките биле советувани да ги облекуваат момчињата во розово за да израснат во силни мажи.
Во 1930-тите состојбата почнала да се менува. Одеднаш, модните куќи почнале да ја рекламираат розовата боја како совршена за жени, додека сината одеднаш станала мажествена. Списанието „Тајм“ објавило и табела во која се наведува кои модни куќи преминале на новото правило, а кои уште ја користат старата поделба. Сепак, до почетокот на Втората светска војна розовата и сината сосема ги замениле улогите. Сината и розовата боја денес се совршен пример како модата и трендовите можат брзо да се сменат.