Интересни факти за стапалата

Во текот на животот, просечниот човек пеш поминува околу 185.000 километри, што е доволно да се обиколи Земјата четири пати. По квадратен сантиметар, на стапалата има повеќе нервни завршетоци отколку на кој било друг дел од телото. Нашите стапала нè известуваат за површината на која чекориме. Ни даваат информација дали одиме на топла или на студена површина, на груба или на мазна подлога. Иако стапалата се релативно мали, бројот на коски во нив изнесува 25 проценти од сите коските во целото тело. Во нив се наоѓаат 26 коски, 33 зглоба, повеќе од 100 лигаменти и 19 мускули. На стапалата се наоѓаат околу 250.000 потни жлезди. Тие можат да произведат до 200 милилитри пот.

Додека трчаме, притисокот на стапалата е четири пати поголем од оној кога одиме. Ноктите на стапалата растат побрзо на топло време, за време на бременост, како и за време на адолесценцијата. Се проценува дека дури девет од десет жени во развиените земји, носат премали чевли што е лошо за целиот организам. Статистички гледано, жените имаат за четири пати повеќе проблеми со стапалата отколку мажите, а голем дел од вината за ова ја носат високите потпетици.

Со проучување на африканската и на азиската популација, кои не носат чевли, се дошло до заклучок дека луѓето што одат боси имаат поздрави стапала, помал број деформации и поголема подвижност на стапалата, за разлика од луѓето во општествата каде што се носат чевли. Добра вежба, која наедно влијае и како масажа на стапалата, e oдењето по ситен, сув и топол песок, кој го раздвижува секој мускул на стапалата.

Во Индија, Тајланд, Кина, Јапонија и во некои други земји големо внимание се посветува на масажата на стапалата бидејќи се смета дека на нив постојат точки што се директно поврзани и одговорни за секој наш орган, па, така, масирајќи ги и притискајќи ги тие точки се подобрува функционирањето на целиот организам.