Федерацијата за планинарство на Македонија во соработка со Меѓународната федерација за планинарење и качување, на македонската јавност ѝ го стави на располагање прирачникот „Планинарење – прирачник – лето“, кој нуди преглед на основните вештини што секој треба да ги совлада за да може да стане компетентен планинар, качувач или алпинист.
– Во прирачникот ќе прочитате за правилата на добро однесување на планина, како и за најраспространетите видови карпи; за интерпретирањето на метеоролошките информации и за користењето ГПС-уред; што е хипотермија и како се води група; за употребата на френдови и чокови и за оценките за качување сува карпа; за летните лавини и како се прави засолниште во снег. И уште многу други интересни теми за планинарење, качување и алпинизам – информираат од Федерацијата за планинарство.
Според Јовица Угриновски од федерацијата, и најискусниот планинар, а и оној што смета дека знае сè од областа на планинарењето, качувањето и алпинизмот, по внимателно читање на прирачникот ќе увиди дека има уште многу да научи или да го дополни стекнатото знаење и искуство.
– Во текот на едногодишната работа врз преводот се соочував со многу дилеми, особено при преведувањето на техничките изрази за кои, барем досега, за некои од нив немаше востановени термини во македонскиот јазик. Досегашна практика, особено меѓу качувачите, беше користење на англиски/француски термини, кои, во извесна мера, беа помакедончени – вели Катица Гароска-Ацевска, која го преведе прирачникот на македонски јазик.