Оваа појава не е забележана од 1950 година, кога почнаа мерењата на температурата, наведуваат од американскиот државен центар за снег и мраз

Првпат откако се мери температурата и се контролира времето падна дожд на еден до ледените врвови на Гренланд, на висина од 2.600 метри, а не снег, како што беше вообичаено досега. Температурите на овој врв деновиве се качија над нулата, третпат за помалку од десет години, јави Си-ен-ен.

Топлиот воздух донесе силен дожд, кој истури седум милијарди тони вода на ледената површина. Ова се најголемите врнежи на Гренланд откако почнале мерењата во 1950 година, според податоците на американскиот државен центар за снег и мраз (НСИДЦ), а количеството на ледената маса што е загубено во неделата е седум пати поголемо од дневниот просек за овој период од годината.

Експертите на НСИДЦ, при Универзитетот во Колорадо, велат дека ова е доказ оти Гренланд забрзано се загрева.
– Она што се случува не е последица на топла декада или две во необичниот климатски шаблон. Ова е без преседан – изјави Тед Скамбос, истражувач.
Дожд заврна на Гренланд само три недели откако експертите упатија до светот драматично предупредување за драстичните климатски промени што влијаат на најголемиот остров на светот. Тогаш во еден ден дојде до топење мраз со површина на американската држава Флорида. Иако сезоната на топење мраз е во јули и август, последниве години поради глобалното загревање мразот се топи и во текот на другите месеци, а само за два дена во август се стопени над 17 милијарди тони мраз на Гренланд.

Водата добиена од растопениот мраз истекува во океанот и го зголемува глобалното ниво на морињата. Освен што топењето на мразот се заканува целосно да го смени изгледот на Гренланд, што доведува до натамошни климатски промени, зголемувањето на нивото на океанот може да доведе до масовни поплави, па дури и до исчезнување на цели населби и градови по должината на бреговите.