Спотот за песната „Километри“ само за два месеци имa 1.300.000 прегледи на Јутјуб, што значи дека нашинците низ светот ја прифатија, бидејќи ги потсетува на родниот крај, вели Влатко Лозаноски

Влатко Лозаноски-Лозано, еден од најдобрите вокали на македонската естрада, со својата последна песна „Километри“ допре до срцата на многу Македонци расеани низ светот. Досега видеоспотот за последниот хит на Лозано, што го сними продукцијата „Веста“, има 1.300.000 прегледи на социјалната мрежа Јутјуб, што го вброи меѓу најгледаните спотови на македонски пејач или група.
Песната веќе доживеа и некои преработки, а и пејачката Тијана Дапчевиќ, која живее и работи во Белград, сака да ја препее за српскиот дискографски пазар.
– Спотот за песната „Километри“ мнoгу убаво минува кај публиката. Задоволен сум од целата таа приказна, бидејќи само за два месеци „Километри“ имa над милион прегледи, што значи дека нашинците, каде и да се, се пронајдоа во неа, бидејќи ги потсетува на родниот крај, за што секако придонесе и квалитетниот спот што го снимивме во Струга. Веќе почнаа и да ја преработуваат, што навистина ми е драго. Целата оваа атмосфера е добра најава за мојот нов трет по ред албум „Десет“, што наскоро ќе ѝ го претставам на јавноста, по повод моите десет години музичка кариера – ни рече Лозано.
Всушност, претставувањето на новите песни е во тек, бидејќи, како што ни откри Влатко, нема да има класична промоција, туку ќе се промовира песна по песна.
– Во Турција неодамна снимивме спот за ритмичната мелодија „Јако, јако“, а веќе се реализирани видеоприказни и за други песни, кои ќе се најдат на новиот албум. Музиката и овој пат е дело на Лазар Цветковски, а текстовите се на Магдалена, иако и јас понекогаш ѝ помагам со мои сугестии. За текстот на една песна ми помогна и сестра ми Марија Лозаноска – ни рече популарниот пејач.
Лозано (32), кој важи за еден од најуспешните кичевчани, додаде дека иако нема да има голема промоција, тој секогаш има време за обожавателите и за претставниците на седмата сила, на кои ќе им посвети внимание и ќе им каже збор-два за десетте песни што ќе ги содржи албумот.

Лазар Цветковски, авторот на најголемите хитови на Влатко, ни откри дека се прават напори во октомври тој да одржи голем промотивен концерт во Скопје.
– Се надевам дека една од поголемите сали во метрополата ќе биде исполнета до последното место и заедно со Влатко ќе ги пее неговите песни. Ние соработуваме веќе долго време, си веруваме еден на друг, споделуваме заедничка енергија, а тоа резултира со многу хитови – ни рече Лазар Цветковски.
Инаку, Влатко Лозаноски во изминатата деценија има континуирани настапи низ цела Македонија, а и надвор од нашите граници. Тој е редовен учесник на Македонскиот радиски фестивал МАРС, каде што неколкупати бил и победник.
Според извештајот на Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) за најслушаните македонски песни во 2017 година најемитуван рефрен лани бил хитот на Влатко Лозаноски, „Мандарина“, на авторите Магдалена Цветковска, Лазар Цветковски и Милан Миланов. Интересно е што „Мандарина“ е оригинално издадена во 2014 година. Лозано е и единствениот изведувач со две композиции меѓу најслушаните десет според податоците на ЗАМП, бидејќи на трето место е неговата песна „Жена како ти“, исто така на Лазар и Ена Цветковски.
Пејачот со златно грло кариерата ја почна со учество и победа на музичкиот натпревар „Мак ѕвезди“. Досега ги има издадено албумите „Лозано“ во 2010 и „Преку седум мориња“ во 2012 година. Заедно со Есма, Влатко Лозаноски во 2013 година беше македонски претставник на „Евросонг 2013“ во Малме, Шведска.