Анксиозноста стана голем проблем во денешно време, симптомите се често многу очигледни – зголемен ритам на срцето, хронични грижи и постојан страв од иднината. Одредено количество стрес е сосема нормално, но постојаното чувство на вознемиреност може да направи да се чувствувате изнемоштено, особено ако вашиот живот не е многу стресен. Анксиозните личности може да се чувствуваат многу исцрпени, па затоа е многу важно да нема нарушувања во нивниот дом. Со анксиозноста можете да се справите на повеќе начини, но исто така е многу важно да проверите како изгледа вашиот дом и дали се чувствувате пријатно во него.

1. Осветлување во домот
Вознемирените луѓе, особено оние што лесно чувствуваат паника, можат да бидат многу чувствителни на осветлувањето во домот. Некои од изворите за тоа може да бидат ЛЕД-светилките, флуоресцентните светла, како и сината светлина од телефоните и компјутерите. Размислете за замена на овие светилки со послаб извор на светлина. Ограничете го времето поминато на вашиот телефон или компјутер, особено навечер. Ако имате проблеми со спиењето, избегнувајте сина светлина еден или два часа пред спиење.

2. Бучно маало
Ако живеете во урбана област, во близината на прометна улица или ако имате гласни соседи, треба да знаете дека постојаната бучава го зголемува нивото на анксиозност. Звуците што го имитираат звукот на водата или некоја птичја песна можат да ја олеснат вознемиреноста што ја чувствувате. Ако делите ѕидови со бучни соседи, може да поставите плакар на ѕидот.

3. Квалитетот на воздухот
Областите што се наоѓаат на поголема надморска височина можат да ги зголемат симптомите на анксиозност, покажуваат некои истражувања. Застоен воздух, висока или мала влажност, постојани мириси, исто така, можат да имаат негативни ефекти врз менталното и физичкото здравје. Редовно проветрувајте, отворајте ги прозорците, отстранете ги работите што создаваат мириси и ѓубре. Набавете растенија што ќе ви помогнат да го облагородите вашиот дом.

4. Силни хемикалии во производите
Овие денови, за жал, хемикалии може да се најдат насекаде, вклучувајќи ги и производите за чистење. Ако сте анксиозни, треба да избегнувате силни хемикалии. Започнете да користите производи што се направени со употреба на природни состојки или направете ги сами.