Посетата на Прага не може да се замисли без прошетка по славниот Карлов мост, еден од најубавите симболи на градот. Исто така тој е и најстариот зачуван мост во Чешка, којо го изградил кралот Карло Четврти. Автор на проектот наводно бил мајсторот Ото. Меѓутоа, овој романтичен мост во себе крие мистериозни комбинации на броеви, бизарни легенди за употреба на јајца во изградбата и сеќавања за трагичната историја. Издвојуваме пет факти за Карловиот мост што можеби не сте ги знаеле.
1. Не е најстар чешки мост, но е најстар на реката В’лтава. Пред него тука стоел мостот на Јудита, но бил оштетен. Кралот Карло Четврти го урнал и во 14 век го изградил овој, кој и денес му одолева на забот на времето. Откако бил изграден, па до 19 век, тој бил единствениот мост на В’лтава во Прага.
2. Мостот имал друго име. За време на градењето не било специфично каменот да се користи како конструктивен материјал, па тоа било негова главна карактеристика. Освен тоа, долго го нарекувале едноставно Прашки мост, бидејќи немало друг.
3. Времето на неговата изградба е своевиден математички феномен. Самиот крал Карло Четврти верувал во нумерологијата. Постои легенда што вели дека каменот темелник бил поставен во 1357 година, 7-от ден, 9-от месец во 5:31 часот. Се верува дека Карло Четврти го избрал тоа време за да ја добие секвенцата од броеви: 1-3-5-7-9-7-5-3-1. Слично на пирамида што претставува симбол на моќ, но и на мост.
4. Легендата за изградбата на мостот со помош на јајца не е точна. Постои предание според кое при градењето на мостот помагало локалното население, така што луѓето носеле јајца за смесата. Наводно, тоа се правело за мостот да биде цврст, односно да не се распадне. Во еден момент се почувствувал недостиг од јајца во градот, па почнале да носат од целата држава. Но тим на научници што ја проучувал структурата на мостот ги вратил Чесите во реалноста и потврдил дека нема траги од јајца во неговите конструктивни елементи. Меѓутоа научниците пронашле траги од млеко и од вино.
5. Повеќето статуи на мостот се реплики. Кога мостот бил изграден, бил многу поедноставен и неговата главна функција била да ги поврзе двата брега на В’лтава. Со доаѓањето на уметничко-културниот период (барок) почнале да се појавуваат раскошни статуи и скулптури. Меѓутоа, поради честите поплави се утврдило дека мостот не е идеално место за оригинални уметнички дела.