Песните „131“, „87“, „128“ од албумот „Оваа трансплантирана машина за чукање“ , „Двојка“ од албумот „Антитело“ на бендот „Фолтин“, еден куп други отпеани, но и неотпеани стихови на „Фолтин“ се собрани едно книжуле, под наслов „Креветизам и хоризонтала“, со потпис на Пијан Славеј, уметничкото име на лидерот на „Фолтин“, Бранислав Николов. Промоцијата е закажана за петок, во „Цреша бар“, во 19 часот.

– Многу примероци од тоа книжуле, издадено од „Прозарт медиа“, в петок вечер ќе ве чекаат во „Цреша“, за да си ги однесете дома и да си побарате потпис од Пијан Славеј. Примероците од книгата поезија ќе ги обезбеди организаторот „Прозарт медиа“, а со групата „Фолтин“ ќе имате можност да испеете во живо дел од стиховите во неа – информираат организаторите.

Настанот е поддржан од Министерството за култура, во рамките на „Нов културен бран“. „Креветизам и хоризонтала“ е финансиски поддржана од Драги Филевски, Де Ниро. Дизајнот на корицата е дело на Мирослав Масин.