Вирусот САРС-ков-2, кој е одговорен за пандемијата на ковид-19, е активен во солзите на заразените пациенти, покажа новото истражување на Националниот институт за заразни болести во Рим. Поаѓајќи од земен брис од окото на заразен пациент, кој имал билатерален конјунктивитис, истражувачите биле во можност да го изолираат вирусот, при што се покажало дека тој може да се репродуцира, не само во респираторните органи, туку и во окото, предизвикувајќи конјунктивитис.

Ова откритие, објавено во списанието „Аналс оф интернал медисин“, има важни импликации врз општата здравствена состојба, па затоа резултатот до кој дошле италијанските лекари, бил проследен до Светската здравствена организација.
– Ова истражување покажува дека очите не се само една од влезните врати на вирусот во организмот туку и потенцијален извор на инфекција – коментира Кончета Кастилети, шефица на оперативната единица во лабораторијата на клиниката „Спаланзани“ во Рим.

Понатаму ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се потврди колку долго вирусот е активен во солзите и колку е потенцијално заразен.
– Ова е уште една коцка во мозаикот што го составуваме, обидувајќи се да ја откриеме комплицираната тајна на овој вирус – истакнува извршната директорка Марта Бранка.