Оглас за работно место што се појави деновиве во австрискиот весник „Клајне цајтунг“ стана хит поради условите што мора да ги исполнува идниот вработен, но и поради дарежливата плата. Работодавецот нуди 15 плати годишно, во износ од 6.000 евра, а за возврат бара некој што истовремено би можел да биде: домаќинка, приватен готвач, градинар и техничар.
Покрај потврда дека лицето е вакцинирано против коронавирус, потребни се валидна гастро и туристичка обука и работно искуство во „ексклузивни домаќинства или хотели“.
Меѓу другите необични услови, наведено е дека кандидатот треба да има „одлично однесување, негуван изглед, самоуверено држење на телото, како и апсолутна флексибилност, лојалност и дискреција“. Исто така, кандидатот мора да сака животни.
На прашање на магазинот „Хојте“, работодавците не сакаа да дадат никакви дополнителни информации, бидејќи мораа да ја заштитат приватноста на клиентот. Открија само дека очекуваат многу пријавени, бидејќи е понудена одлична плата.