Македонската музичка сцена деновиве ќе ја добие првата професионална пиар-агенција, специјализирана за музичка промоција, следење на настани, маркетинг-стратегија, промоција на нови музички аудио и видеоостварувања. „ПромоСтејџ“ е името на новата музичка платформа, која ќе поддржува македонска музика и ќе ја промовира на македонскиот и на регионалниот медиумски простор.
– Македонската музика, за жал, е на маргините. Причини има милион, решение само едно. Не навлегуваме во тоа кој е виновен што домашната музичка сцена е во надолна линија, но сакаме со сите сили да ја вратиме онаму каде што беше, во златните 1990-ти години. Имаме добри артисти, музичари, групи, композитори, текстописци, ни недостигаат само пристојна стратегија и медиумски поагресивен настап. Во доба на интернет, социјални медиуми, Јутјуб и традиционални печатени медиуми немаме причини за кревање раце – велат од „ПромоСтејџ“.

Освен на интернет-просторот, агенцијата редовно ќе ги храни со нови музички информации и традиционалните медиуми.
– Новинарите од печатените медиуми, радијата и телевизиите постојано ќе бидат обезбедени со најнови информации за проектите во домашната музика. Преку колегите новинари од сите медиуми во Македонија, слушателите и гледачите ќе можат во секое време да бидат информирани што се случува на домашниот музички простор. Првпат кај нас ќе се изработуваат и специјални стратегии за настап на музичкиот пазар на веќе оформени музички имиња, а ќе се дадат простор и шанса за нови надежи – велат од агенцијата.

Секако „ПромоСтејџ“ ќе биде специјализирана музичка пиар-агенција, која ќе поддржува 100 проценти премиум македонска музика. Ќе ги обединува артистите и бендовите од различни музички категории и ќе овозможи професионално следење на нивната работа.
Првите музички проекти се веќе во подготовка и многу скоро следуваат нови информации за инвазијата на македонската квалитетна музика во медиумскиот простор.