Принцот Хари го тераат да стори сè што е можно мјузиклот за неговата мајка да биде тргнaт од програмата на „Нетфликс“, неколку дена откако тој потпиша мултимиолионски договор со стрим-гигантот, објавија британските весници.

– Нетфликс ќе го прикаже контроверзниот мјузикл – „Дијана: Нов мјузикл“ – кој содржи фиктивна сцена каде кралицата ја етикетира како курва – пишува британски „Сан“ во статија со наднаслов „Предавство“

Има и другите контроверзни сцени, како на пример кралицата ѝ вели на Дијана: „Во старите времиња, ќе ви ја отсечевме главата“, а во друга сцена Дијана е во кревет со Џејмс Хјуит.

Поранешен телохранител на покојната принцеза го повикува нејзиниот син да го повлече мјузиклот од стриминг сервисот.

Повиците доаѓаат откако Хари и Меган – војводата и војвотката од Сасекс – потпишаа договор вреден 112 милиони фунти со „Нетфликс“ оваа недела. Според договорот, нивната продукциска куќа ќе снима документарни филмови, играни филмови и детски програми.

Во најавата на мјузиклот, на љубителите на театарот им беше ветена музичка приказна за бестрашната принцеза која стана безвременска. Планираната премиера на Бродвеј беше откажана поради пандемијата на Ковид-19.