Откако американската вселенска агенција НАСА успеа да го реши проблемот, вселенскиот телескоп „Хабл“ конечно „се разбуди“. „Хабл“ повторно е онлајн, по успешната процедура што вклучуваше трансфер на друг компјутер. Се чини дека со тоа се реши проблемот што го држеше „Хабл“ во режим на безбедност со недели. НАСА неодамна објави дека започнува „ризична“ постапка за префрлување на „Хабл“ на помошен хардвер во обид да се реши проблемот. За среќа, компјутерот се вклучи и нормалното работење продолжи.
– Тимот на „Хабл“ сега го следи хардверот за да се осигури дека сè работи правилно. Тимот исто така враќа научни инструменти од конфигурацијата на безбедносниот режим – се вели во соопштението на НАСА.
Телескопот беше лансиран во 1990 година, а досега неколкупати се соочуваше со големи опасности. Иако сега повторно функционира, „Хабл“ полека се приближува кон крајот на својот животен циклус. Оваа година во вселената ќе биде лансиран телескопот „Џејмс Веб“.