Медитеранскиот начин на исхрана, кој се состои од многу овошје, зеленчук и риба, може да го намали ризикот од заразување со ковид-19, а во случај сепак, и покрај исхраната, некој да се зарази, го намалува ризикот од развој на вирусот во сериозна форма.
Ова беше утврдено со неодамнешното објавување на големо истражување на истражувачи од Харвард, Кралскиот универзитет во Лондон и компанијата „Зое“, во кое беа вклучени речиси 600.000 возрасни лица.
Истражувачите ги споредиле симптомите пријавени од луѓе со ковид-19 и нивните навики во исхраната. Притоа заклучиле дека оние што практикуваат медитеранска диета богата со овошје, зеленчук и риба имаат 10 проценти помалку шанси да заболат. Според студијата, тие исто така имале 40 проценти помали шанси да развијат сериозна форма на болеста, во споредба со оние што јаделе поинаку медитеранска храна.
Дури и кога научниците зеле предвид други фактори, како што се носење заштитна маска или вежбање, процентите останале исти. Во студијата, која сè уште не го поминала стручниот преглед, научниците потенцирале дека здравата исхрана влијае на здравјето на дигестивниот систем и поголем процент здрави микробиоми, бактерии што живеат во дигестивниот систем. Токму овие бактерии се поврзани во повеќе студии со посилен имунолошки систем и помал ризик од заболување со ковид-19 и други болести.
Еден од заклучоците на студијата е дека она што луѓето го јадат е директно поврзано со други фактори, како на пример каде живеат и колку пари заработуваат. Луѓето што живеат во посиромашни делови се изложени на поголем ризик од заразување со ковид-19, затоа што имаат помалку пари на располагање, јадат помалку, вежбаат помалку и се принудени да продолжат да одат на работа за време на пандемија, поради што имаат поголеми шанси да се заразат.