Мексиканскиот остров на куклите е совршена дестинација за љубителите на хорор-филмовите и морничавите легенди, а поврзан е со посебна приказна, која со години привлекува милиони туристи од целиот свет. Легендата вели дека пред неколку децении Мексиканецот Јулијан Сантана Барера пронашол девојче што се удавило во езерото Сочимилко во Мексико Сити и дека поради овој настан решил да го напушти семејството и целосно да се пресели на малиот остров, во каналите на Сочимилко, каде што дотогаш работел како чувар.
Покрај телото пронашол и мала кукла, која потоа ја закачил на дрво за да му оддаде почит на починатото девојче. Во годините што следувале, тој собирал и закачувал сè повеќе кукли за да си ја „смири душата“ и да продолжи понатаму. Многумина веруваат дека го мачело чувството на вина дека требало и можел да го спаси несреќното девојче.
Туристичките водичи велат дека Сантана бил опседнат со духот на девојчето, поради што на овој остров закачувал кукли нешто повеќе од 50 години. Ги наоѓал во канали, продавници и на буништа. Легендата вели дека тој често менувал храна и вредни работи за стари кукли. Сантана не ги чистел ниту поправал, ги закачувал во истата состојба како што ги наоѓал. Некои кукли уште во тоа време веќе изгледале морничаво, додека други биле оштетени од голем број временски непогоди. Оние играчки што не ги закачувал, Сантана ги чувал во својата куќа и ги сметал куклите за „убави заштитници“ на островот до крајот на својот живот.
На почетокот на 2001 година, Сантана бил пронајден мртов на истото место каде што го нашол девојчето неколку децении претходно. Причината за смртта била давење, кое 20 години подоцна фасцинира многу посетители на островот и дополнително ја потврдува теоријата на туристичките водичи дека островот сè уште го прогонува духот на починатото девојче. Неговата традиција на закачување кукли ја продолжија и туристите, кои ги носат своите играчки од целиот свет и ги оставаат на островот.