Фото: Маја Јаневска-Илиева

Игор Џамбазов за повеќето Македонци веројатно е дел од нивното секојдневие, го прифаќаат како близок роднина, сосед, пријател, бидејќи го познаваат и го следат низ подемите и падовите уште откако го глумеше дрварчето Трајче во „Волшебното самарче“. Наскоро ќе го гледаме Игор како бато Миле во шестата сезона на ситкомот „Преспав“, во новогодишното издание што деновиве се снима, како и во екопроектот „Агенда 21“ и во квизот „20 секунди“ на МТВ.

Бато Миле Први Бузалевски, и покрај сите свои мани, им е омилен лик на гледачите, зошто?
– Тој ви е нешто како духот на народот. Сето она што народот го кажува по кафеани, седенки, телефони, а не смее гласно да го каже, бато Миле го кажува јавно и транспарентно. Е добро сега, некогаш е тоа поради ракијата, а некогаш поради парите. Ах, да, и понекогаш за Маќедоња!
Има ли уште нешто ново кај вас поврзано со вашата професија?
– Има, како нема. Веќе поминаа три епизоди од еколошкото шоу „Агенда 21“ на Телма. Тоа е еден многу симпатичен проект на Весна Бејби Петрушевска, нешто што повеќе од две години се подготвуваше. Реакциите се прекрасни. А, пак, од 20 декември, на МТВ, почнува квизот „20 секунди“. Мислам дека снимивме еден многу добар, забавен, едукативен и духовит телевизиски производ.
Дали за вас театарската сцена сѐ уште е магична?
– Театарот беше ставен на чекање поради ковидот. Како што стојат работите, ќе потрае ова уште некое време. А искрено, едвај го чекам моментот да почнеме. Да, театарот е магија. Во моментот кога стапнуваш на сцена, завршуваат сите твои проблеми, незадоволства, се исклучуваш тотално на неколку часа. Се празниш, се ресетираш. Театарот е прекрасна терапија. И за публиката и за нас горе, на сцената.
Дали е на повидок и некоја нова книга?
– Веќе ја завршувам и почнувам да размислувам кога би било најпаметно да ја издадам. Ќе се вика „Книга што самата се напиша“, во издание на „Три“. Тоа се триесетина приказни за моите најомилени музички албуми, плочи што ми го промениле животот, а и ме научиле по нешто. Приказни за годините во кои тие албуми излегле во продажба. Што се случувало со мене, со Македонија, со светот.
Гласавте ли на последните избори или политиката повеќе не ве интересира?
– Не гласав. Не гласам. Ќе гласам тогаш кога нема ни да размислувам за тоа дали тие избори ќе бидат регуларни. Уметникот треба да се занимава со својата уметност. Таа е неговото единствено оружје против неправдите.
Мислите ли дека „македонското племе со (пра)старо семе“, како што пеете во една песна, ќе ја преброди и оваа голгота, во која освен здравјето, на удар се и идентитетот, јазикот?
– Создавањето на идентитетот е еволуција, а не револуција. За тоа треба време. Ние сме млада држава и допрва почнува нашата голгота. Идентитетот се создава со себепочитување, себеверување и љубов кон ова парче земја. Но верувам дека ќе успееме. Можеби и не го заслужуваме тоа, ама Македонија го заслужува.
Не е заборавено вашето гостување кај бугарскиот водител, а од скоро и политичар, Слави Трифунов. Што би го прашале денес?
– Колегата Слави не би го прашувал ништо. Тој веќе сѐ си кажа. И тоа што требаше и тоа што не требаше.
Како го чувате тој огин во кандилцето што ви го стопли срцето по многу години, бара ли тоа некои посебни жртви?
– Нема жртви, сега засега, ха-ха-ха. Кандилцето си тлеело со години. Како да го чекало вистинскиот момент. И одеднаш се разгоре. И еве го, не престанува. Си свети ли свети. Да, баш така. Овие речиси две години се веројатно најубавото нешто што ми се случило во животот. Љубов. Колку ли депласирано им звучи тоа на младите? Ама млади се, ќе сфатат дека љубовта е најважна во животот. Онака како што сфатив и јас. Во само еден момент, една милисекунда, со само два погледа и три реченици муабет. Тоа е таа, кралицата, љубовта.
Ве изненадија ли позитивните реакции на вашата љубовна приказна со Илина?
– Многу сум изненаден. Позитивно, се разбира. Не само што скоро и да нема лоши коментари, туку има луѓе на кои им станавме инспирација. Докажавме дека и неспоивото може да се спои. Дека и неосвоивото може да се освои. Дека невозможното е возможно. Кај Илина ме импресионираа нејзината амбиција, нескротливата енергија, ја има таа моќ да биде успешна на повеќе полиња одеднаш.
Вие одамна ги искачивте духовните височини, ама како ви оди со природните врвови, со оглед на спојот на младоста и искуството?
– Е па, младоста го влечка искуството по планини. Младоста го кара искуството кога кука дека сѐ го боли и дека не може повеќе. Исто така, младоста го пофалува искуството кога тоа ќе го заслужи. Како кога го искачив Марково Крувче на Водно. И тогаш младоста го бакнува искуството. Тој дел од планинарењето најмногу го сакам.
Што е последното што ве изнервирало, а што е она што ве изнасмеало искрено деновиве?
– Обично, она што многу ќе ме изнервира, по само неколку минути ќе ме изнасмее. А тоа е глупоста. Човечката глупост. И вселената. Само тие се бескрајни.