Заштитните маски за еднократна употреба станаа многу популарни за време на пандемијата на ковид-19, но, за жал, по употребата големо количество од нив завршило во океаните.
Во текот на 2020 година биле произведени околу 50 милијарди парчиња заштитни маски за лице, а се проценува дека 1,56 милијарда парчиња завршиле во океаните, според податоците на организацијата „Оушнс Ејжа“. Во нивниот извештај се наведени застрашувачки податоци за загадувањето на океаните за време на пандемијата, а со оглед на количеството маски што завршиле во нив, тоа е голем проблем. Се проценува дека за да се распаднат пластичните маски се потребни околу 450 години. Исто така, во извештајот се вели дека околу три проценти од произведените 50 милијарди маски ќе завршат во нашите води. Тоа се загрижувачки бројки бидејќи пластичниот отпад убива околу 100.000 морски цицачи и желки годишно, повеќе од еден милион морски птици и многу повеќе риби, безрбетници и други морски животни. Пластичниот отпад не влијае само на морскиот свет туку и на крајбрежните заедници, риболовот и економијата.

Пластичниот отпад драстично се зголеми во текот на изминатата година поради пандемијата на коронавирусот, поради обврската за употреба на заштитни маски и ракавици, а тоа ќе има негативно влијание врз животната средина.
– Маските за еднократна употреба се направени од различни видови пластика и тешко се рециклираат поради нивниот состав, ризик од контаминација и инфекција. Овие маски завршуваат во океаните кога ќе бидат фрлени и кога системот за управување со отпад е несоодветен, преоптоварен или воопшто не постои – стои во извештајот на организацијата.
Отпадот им штети на океаните и животните, а пример за тоа е мртов пингвин што бил пронајден на плажа, а во неговиот стомак имало маска. Авторите на извештајот наведуваат дека постојат решенија што ќе го минимизираат влијанието на пластичниот отпад. Меѓу нив се и маските за повеќекратна употреба што се направени од материјали што можат да се рециклираат. Во секој случај, потребно е маските и ракавиците да се фрлаат на соодветен начин.