Два литра вода на ден за добро здравје 

Правилната хидратација е неопходна за здравјето на телото. Водата освен што ги урамнотежува електролитите, потребна е речиси за секој физички процес, вклучувајќи го и имунитетот, пишува сајтот „Мбг“.
Слузта во устата и во носот е првата одбрана на телото против вирусите. Ако таа е дехидрирана, не може да создаде влажен слој што спречува вирусот и бактериите да се залепат за ткивото. Хидратацијата исто така игра улога во работата на лимфниот систем, а тој ги поддржува производството и дистрибуцијата на антителата и на клетките на имунолошкиот систем.

До скоро важеше правилото да се пијат по 8 чаши вода на ден, меѓутоа колку точно течност треба да се земе е индивидуално и зависи од активностите, исхраната, временските услови, возраста, тежината… Така, некои научници препорачуваат мажите да пијат по 15, а жените по 11 чаши вода на ден. Тука се вклучени и 20 отсто течности од исхраната, па, така, мажите треба да пијат по 12, а жените по 9 чаши вода на ден.
Во лето внесувањето течности треба да биде поголемо, како и на голема надморска височина и за време на болест или при физичка активност, која предизвикува потење. Бремените жени и доилките исто така треба да пијат повеќе вода.