Соседна Бугарија, која по пет години пауза се враќа на „Детскиот евросонг“, на фестивалот во Париз, на 19 декември, ќе ја претставуваат Денислава Димитрова и Мартин Стојанов, со песната „The Voice of Love“, чии автори се нашите Васил Гарванлиев, Давор Јордановски и Весна Малинова.
Како дојде до оваа соработка го прашавме Васил Гарванлиев, годинашен македонски евровизиски претставник.
– Сѐ започна кога добив покана по „Евровизија“ да настапам во Софија. Нема да го заборавам тој ден. Надвор имаше бура речиси цел ден, сѐ до дваесетина минути пред почетокот на концертот, кој се одржа на отворено. Но времето не ја намали посетеноста, дојдоа 10.000 луѓе. Тогаш ја запознав Геновева Христова, директорка на „Лигна груп“, вклучена во многу музички европски проекти, која подоцна ме покани да бидам дел од една креативна музичка работилница покрај Црно Море.

Таа ми рече: „Те следам последниве две години, имаш прекрасна енергија, пишуваш многу убаво и сакам да те поканам и ангажирам да бидеш дел од камп за пишување музика, кој ќе се одржи во август. Ќе работиш со тимови од целиот свет и ќе пишуваш музика за тебе, за филмови и за ‘Евровизија’“. Добив „одврзани раце“ да направам свој тим од Македонија и јас веднаш го ангажирав Давор Јордановски, мој близок соработник и пријател. Набрзо дел од тимот стана и Весна Малинова, која особено ја почитувам. Таа го напиша текстот за песната „Ѓердан“, со која пред три години се вратив во Македонија. Поминавме заедно три креативни недели во август и создадовме десетина нови мелодии. Песната влезе во потесниот избор за бугарскиот избор за учесник на „Детскиот евросонг“ и на крајот беше избрана. „The Voice of Love“ ја напишав јас, мелодијата и првичниот текст, но без таа света тројка немаше да порасне и да стане тоа што е. Нема нешто поубаво од создавање за деца, слушајќи го гласот на љубовта – ни рече Васил Гарванлиев.
Тој во моментот е во Чикаго, САД, каде што, како што рече, работи на повеќе проекти.
Инаку, Денислава Димитрова и Мартин Стојанов потекнуваат од вокалното студио „Сарандев“ од Добрич. Тие имаат освоено голем број награди, а музиката е дел од нивниот живот уште од раното детство. Како дует настапуваат од 2017 година, под раководство на вокалниот педагог Елена Карабелова.