Во божиќната порака, британската кралица Елизабета Втора денеска им оддаде почит на сите граѓани за изразената солидарност во текот на годината одбележана од пандемија и рече дека по најтемната ноќ, има надеж за нова зора.

– Секако, ова време од годината ќе донесе тага за многумина, некои ќе жалат за загубата на најблиските, а други ќе бидат одделени од своите пријатели и семејства заради почитување на епидемиолошките мерки, а сите знаеме дека за Божиќ сакаме прегратка или ракување. Ако припаѓате меѓу овие луѓе, сакам да ви кажам дека не сте сами – рече кралицата во претходно снимената порака што беше емитувана денес.

Според неа, и покрај тешкотиите, пандемијата на некој начин ги зближила луѓето, пренесува Би-би-си.

Кралицата (94), која, како и многу други, Божиќ го поминува далеку од своето семејство, рече дека луѓето во Велика Британија и ширум светот величествено се соочиле со предизвиците кои ги донесе годинава и дека е горда и трогната од тој тивок, но нескротлив дух.

На крајот, таа особено им се заблагодари на младите, сите работници и други добри луѓе кои се борат против предизвиците на пандемијата и одлучно им помагаат на другите.