Велигденските и рамазанските пости како повод

Eдна од најчестите диети за слабеење е повременото гладување. Честопати се истакнуваат корисните ефекти по здравјето од воздржувањето од храна, па дури и врз лекувањето од одредени болести. Во една студија од „Њу Ингланд журнал оф медисин“, неврологот Марк Матсон од болницата „Џон Хопкинс“, една од водечките американски болници, заклучи дека постојат докази за корисните ефекти на наизменичното гладување. Самиот Матсон повеќе од 20 години се придржува до повремениот пост, а веќе 25 години ги проучува неговите ефекти врз здравјето.
Постот значи воздржување од јадење и пиење каков било вид пијалак освен вода. Најчесто се практикува таканаречената диета 5-2. Таа вклучува нормална исхрана пет дена во неделата, проследена со два дена пост, односно внесување само 500 калории на ден. Формите на постот вклучуваат и дневен режим, кој најчесто значи апстиненција од оброци најмалку 13 часа на ден, односно по 18 часот ништо не се јаде, до појадокот наредниот ден.

Многу студии за животните, како и истражувањата на луѓе, покажале дека повременото постење е поддршка за здравјето на клетките, најверојатно поради активирањето на нашата дамнешна способност за приспособување на недостиг од храна – наречен метаболички прекинувач. Ова пренасочување или префрлување се јавува кога клетките ги трошат своите резерви од брзо достапно гориво (базирани на шеќер) и почнуваат да ги конвертираат мастите во енергија во побавен метаболички процес.
Истражувањето на Матсон покажало дека прекинувачот ја подобрува регулацијата на шеќерот во крвта, ја зголемува отпорноста од стрес и ги потиснува воспалителните процеси. Матсон додава дека четири студии, како кај животни, така и кај луѓе, откриле дека наизменичниот пост го намалува крвниот притисок, како и нивото на липидите во крвта и отчукувањата на срцето кога е во мирување. Постојат докази дека наизменичното гладување може да ги модификува факторите на ризик што се поврзани со дебелината и дијабетесот, пренесува „Њу Ингланд журнал оф медисин“.

Две студии од Универзитетската болница во Јужна Манчестер, каде што биле опфатени 100 жени со прекумерна тежина, откриле дека жените што се на диета 5-2 изгубиле иста тежина како и жените што го ограничувале внесот на калории, но, за разлика од нив, имале подобри резултати во однос на чувствителност од инсулин и помалку масти во стомакот. Исто така, постојат прелиминарни студии што укажуваат дека наизменичното постење може да ја забрза и функцијата на мозокот.
Во историјата се забележани голем број примери што доброволно апстинирале од храна, бидејќи поединците сакале да напредуваат во духовниот и телесниот живот. Не постои религија што не препорачува гладување, пост и чистење на душата преку чистење на телото, што бара цврста определба и волја. Теоријата за глад, во светот на алтернативната медицина, пред сѐ се однесува на постот, кој помага да се регенерира целиот организам и да се елиминираат некои од многуте проблеми со кои се соочува современиот човек.

Што се однесува до тврдењето дека наизменичното гладување ќе го забави процесот на стареење, нутриционистите препорачуваат усвојување здрави навики за живот, наместо наизменично постење, особено ако личноста живее нездраво (седечки начин на живот, пушење, прекумерна тежина). Во секој случај, периодите на гладување или ограничување на одредена храна во пократок период не им се од полза на оние што повторно се враќаат на претходно нездравиот начин на живот.